Извади ја креативноста од себе

Го знаете малиот Антон од нашето доџо? Да, тоа е оној што никогаш не пропушта тренинг. Што доаѓа секогаш половина час пред другите и што одлично напредува поради тоа. Што само за малку не успеа да го заврши последното Шугендо. Тој де, баш тој, што неодамна наполни 18 години и што сите реквизити потребни за на тренинг си ги изработува сам. И тоа без ничија помош. Сам, самцат. Без да гледа од слики, без да гледа од интернет. Само од информациите што ги добива од мене или од постарите ученици.
Вчера кога го запрашале во доџо како го постигнува тоа, Даре се нашол во близина и им одговорил веднаш.
– Епа Антон нема дома интернет.
Со овие неколку збора Даре кажал се. Антон нема дома ниту компјутер, ниту интернет. Тој не се плаши дека ќе „пропушти“ да најде виртуелна девојка, виртуелени другари, виртуелни пари или нинџутсу знаење кое „го има на секој чекор“ на мрежата.

И повторно, Антон има многу другари, му се лепат девојчиња, а во вештината напредува одлично.
Добро е што Даре одговорил место мене. Ако јас го кажев тоа, виртуелните нинџи ќе нападнеа дека „јас не им дозволувам на моите ученици да посетуваат интернет бидејќи ќе ја видат вистината за Буџинкан“. Уште се смеам кога ќе ми текне на тоа. Каков тиранин сум јас. Забранувам се.

А вистината за Буџинкан? Па, и подобро да не ја знаат. Ќе се разочарат кога ќе дознат дека денес можеш од 5 кју без полагање да земеш 1 дан. Од 1 дан без полагање да добиеш (читај купиш) 4 дан. Од 5 дан да одиш на 9 дан. Ете до каде дојдоа работите.
На Антон тоа и не му е важно. Кога го прашав зошто дома не стави интернет за да може да следи што се случува на нашата страница ми одговори дека се што го интересирало ќе ме прашал мене. И додаде дека не го интересира што се случува во Буџинкан надвор од Македонија, бидејќи е среќен во нашето доџо и друго не му било важно.

Епа истиот тој Антон, место да седи пред компјутер и да „вежба“ по тастатурата, да се згрбавува и да биде зависен од нешто што е виртуелно, во својот двор си ја развива својата креативност. Прави секакви реквизити и со тоа ги подигнува своите физички и ментални способности на едни повисоки граници.

Смешно е тврдењето дека некој некому може да забрани во 21 век. Само идиоти веруваат во тоа. Но, се додека Антон покажува подобри резултати од другите, јас ќе го подржам во неговото вежбање во доџо наместо на тастатура.