Учи деши

Морихиро Саито, заедно со уште 30-тина други бил учи деши (личен ученик) на основоположникот на аикидо-то Морихеј Уешиба.
Морихеј Уешиба бил личен ученик на соке-то на Даито Рју Аикиџуџутсу, Сокаку Такеда.
Големиот нинџа Такаматсу Тошитсугу го имал Акимото Фумио. Сите споменати лични ученици подоцна станале големи водачи.

Да се биде личен ученик носи големи обврски. Многу повеќе обврски отколку привилегии. Прво треба да се биде редовен на секој тренинг. Треба да се следи учителот постојано. Да се биде присутен на сите настани на кои тој подучува (доџо, семинари во природа, други градови). Со насмевка на лице треба да се излезе и да се биде уке. Да се има интерес за длабоко навлегување во „тајните“ на школото (рју-ха) кое учителот го предава. И најважно од се – да се биде лојален до смрт (ова е заемно од двете страни).
Во не толку старите времиња, во времињата кога живееле гореспоменатите, да се биде учи деши подразбирало и многу повеќе обврски. Но, за тоа другпат.
Што добива личниот ученик? За почеток ништо. Само ќотек. Бенефициите доаѓат подоцна. Повеќе внимание на тренинг, подлабоко подучување на сите сегменти на школата, деншо-а, учество на состаноци (доџо каи) и донесување одлуки за иднината на школата, тренинзи „во четири очи“, доверба, подршка, заштита итн.

Но, пред сето тоа да се случи, потребно е да се изоди долг пат. Пат, послан со трња. Учи деши се станува со усмена молба од страна на ученикот и прифаќање од страна на учителот. Или со усмена дозвола од страна на учителот кога тој ќе процени дека некој ученик е сериозен. Некогаш пак, работите си доаѓат спонтано и без никакви молби и проценки. Значи нема правила. Освен да се биде постојано „пред (и во) очите“ на учителот.
Учи деши на некој начин претставува модел за тоа како треба да изгледа еден воин. Тој се бруси полека, но сигурно.
Сенсеи Довезенски ги има Марјан П. и Марко О. за лични ученици, напола пат тоа да стане е Дарко Б., а тука се и неколку „искушеници“ кои треба да се докажат во иднина. Сите нив ги чека напорна работа и брусење. Но и убава иднина во неверојатниот свет на боречките вештини.