Очај

При саботната семејна прошетка по патеките низ Аеродром, видов една женичка, која што е ангажирана од општината за одржување на хигиената, како пред плакат за концерт на Ѓоко Таневски (силата) во очај упатува клетви кон него затоа што „ќе се наполнел“ со пари од  концертот. Онака, во добро расположение, а од жал за женичката, одлучив (со цел памет) да се обидам да ја научам нешто.

-Зошто го колнеш госпоѓо, ја прашав, што лошо ти сторил?

-Види го, ќе држи концерт, ќе се наполни пари, за пари продава карти, види, види, читај, како од топ одговори таа.

-А дали ти би чистела еден месец без пари? – ја прашав.

-Ееееее, не е исто моево. Он сака за пеење да зима пари, а моево е потешко, а он само треба да пее.

-А дали знаеш ти колку пари потрошил тој за да дојде до универзална сала? Знаеш ли колку неспиени ноќи имал? Нервози, секирации?

-Е да, ама сега ќе се наполни со пари за една вечер.

-Зарем не ти е мило што овој млад човек успеал да заработува без да чека пари од некого, упорно продолжив јас, помислувајќи дека за момент станувам адвокат на човек чија музика не можам да ја поднесам.

-Зошто да ми е мило, мене кој ми дава? А што да правам јас? Од каде јас да имам пари.

-Нема ниту да имаш госпоѓо, се додека не го смениш начинот на размислување, завршив и продолжив по патеката, слушајќи ги зад грб клетвите кои од Ѓоко Силата се префрлија на мене.

Има неколку причини зошто Балканот никогаш нема да биде Европа, а особено Америка и обратно.