Сакаш назад?

Си замина од клубот во 2005 година. Се навредил (замислете) затоа што сум се пошегувал со него дека откако фатил девојка, веќе неможеме да го видиме на тренинг. Колку ли само сум му згрешил.

Една година потоа, заминал да вежба Аикидо во клубот на еден мој пријател (изгледа поминала првичната љубовна еуфорија). Уште од врата почнал да клевети и озборува (прва грешка). Се разбира, пријателот веднаш ме извести за тоа и ме праша што да прави со него. „Подучувај го како да не рекол ништо“, гласеше мојот одговор. Таму вежбал шест месеци. За тие шест месеци, се сеќавам, направи индиректно се што можеше за да ми стави до знаење дека сега вежба во друг клуб (втора грешка). Тие секогаш мислат (замислете) дека јас сега нема да заспијам од мака што тој вежба во друг клуб. Шизофренија.

Сабајлево отворам мејл и ми пишува дека ми простил (замислете) и дека планирал повторно да почне да вежба во мојот клуб. (Кој еднаш вежбал во Буџинкан Македонија, се друго му делува „празно“ ???)

Се разбира, му одговорив веднаш дека после сето тоа што се случило, најдобро е да си продолжи да вежба таму каде што застанал, со напомена дека ако се покајал за тоа што го направил може да побара прошка (кој егоист би го направил тоа?), но и дека не е во ред тој да ми простува мене кога јас не сум го побарал тоа од него.

Се замислив на кратко. Го премотав филмот назад. Се сетив колку пати моите ученици ми кажале дека сретнале некој поранешен член кој на секој можен начин дал до знаење дека сака назад во семејството.

Што ги спречува? Егото? Чекаат покана од мене? Незгодно се чуствуваат? Или чуствуваат вина што вратата ја запечатиле со некој грд збор или постапка. Неможноста да се вратат назад сега ги тера да продолжат со лоши дела.

А случајно, велам само случајно, да не сакат тие толку многу назад, а не знат како, па сега уште подлабоко тонат во своите говна клеветејќи и лажејќи насекаде? Дали е тоа можно? Дали тука лежи зајакот? Што мислите Вие?

п.с. Има уште еден „смешен“ дел во споменатиот мејл, кој гласи: „Не ми е криво за сите пари што сум ти ги дал“, мислејќи при тоа за парите наменети за членарина, а заборавајќи дека тренингот во клубот е бесплатен, а парите за членарина служат за покривање на клубските трошоци (изнајмување сала, организација семинари, набавка опрема и сл.).

Одговорот гласеше: „Учителот може да ти ги врати парите назад. Дали ти можеш да му го вратиш знаењето?„