Денес ги извадија конците од моето десно колено. Точно 10 дена по операцијата. Со тоа хируршкото лекување заврши и од денес треба да започне шестнеделната рехабилитација која подразбира постепено оптвоварување на ногата со лесно пешачење, лесно виткање во зглобот и благо истегнување на прстите. Нешта што јас почнав да ги правам уште од првиот ден.
Што загубив од операцијата?
Килограми. Дури седум. Мојот брз метаболизам веднаш ги „изеде“ мускулите што со години се градеа на телото. Обемот се намали во сантиметри.
Но, од друга страна, како што брзо губам мускулна маса, така брзо знам да ја вратам назад. Но, тоа од август.
Го загубив и Игор Стојановски и можноста да се доусовршам во Кашима Шин Рју. Го „пуштив“ на одмор во Охрид со семејството. Кога веќе не можам сериозно да вежбам, барем нека се одмори човекот. И така со години не се видел со роднините.
А што добив?
Можност да продолжам понатаму по Патот. И да се уверам дека само смрт може да ме одвои од моето доџо и од моите верни ученици.
Се гледаме вечер на паркетот.