Честопати се навраќам на некои моменти од времето кога одлучив да тргнам по Патот. Се сеќавам кога наближуваше петок, а со тоа и договарањата „каде ќе одиме таа вечер“. За некои тоа беше страшна дилема. „Хард рок“ или „Копакабана“. За мене дилема немаше. Прво трчање до Нова Железничка Станица, а потоа под закрилата на ноќта тренинг на полјаната позади зграда меѓу трите големи елки кои заштитуваат од љубопитните погледи.
Набргу почнаа коментарите: „Па ти веќе не сакаш да се дружиш со нас. Ти не избегнуваш нас. Тебе вежбањето ти е поважно од нас„.
(ова сигурно и на Вас ви се случува понекогаш)
Уште тогаш тоа го сфаќав како себичност. Зошто другари мои, бидејќи ете Вие не сте себични, не вежбате со мене? Зошто место да одите во град, не дојдете на полјаната? Ќе вежбаме заедно и повторно ќе се дружиме.
„Ех, ќе вежбаме, па нас не не интересира тоа што тебе те интересира“.
Аха. Значи ако Вас не ве интересира тоа што ме интересира мене, тоа не е себично. Ако Вие не уживате во тоа што уживам јас, тоа не е себично. Само кога јас правам нешто во што уживам, тогаш Ве избегнувам и не се грижам за нашето пријателство.
Тогаш сфатив дека Патот на воинот е осамен. Тој е осуден да биде разбран само од оние кои чекорат по истиот Пат.
Продолжив понатаму. И тие продолжија понатаму.
Денес ќе се видиме одвреме-навреме низ градот, на шалтер, во продавница. Ќе дознаам преку прашања дека никој од нив повеќе не се дружи како порано. Секој со свои семејства, бизниси, проблеми. Некои дури не се виделе со години.
Се прашувам. Што нив (не) ги задржа за да бидат заедно. Што имат од тоа што се дружеа секојдневно и ја тераа „скопската шема“. Нели тие не се раздвојуваа ниту за спиење, а сега очи не си виделе со години.
Се поминува. Се е „пролазно“.
На крајот останува само Патот. И луѓето што ќе ги сретнеш на него.