Кеппан

Кеппан-от или крвната заклетва е стар јапонски метод на обврзување. Тој се применувал и во боречките вештини, со цел ученикот да се обврзе дека стриктно ќе се придржува до правилата на доџо-то.

Се изведувал со засекување на прстот или надлактицата, а потоа со крвта се потпишувал документот на кој биле напишани основните правила на школата.

Кеппан-от не бил карактеристичен за сите доџо-а, а повеќето од нив веќе одамна го напуштиле овој метод. Сепак, во најстарата јапонска рју-ха за меч, Теншин Шоден Катори Шинто рју, овој метод се применува и ден-денес. Се разбира, последниот соке направил неколку исклучоци од ова правило (за гаиџин-ите), но сепак, тие што нема да го потпишат документот со својата крв, никогаш нема да ги дознат сите тајни на школата.

Еве ги правилата на табличката која треба да се потпише:

  1. Никогаш и никому нема да зборувам, ниту пак да покажувам техники од школата, дури ни на моите најблиски роднини.
  2. Никогаш нема да навлегувам во кавги и при тоа да ја злоупотребам вештината.
  3. Никогаш нема да се коцкам ниту пак ќе посетувам нечесни места (јавни куќи, биртии и дувла з.м.)
  4. Никогаш нема да го вкрстам мојот меч без дозвола.

Она што е интересно за нас, е дека оваа школа подучувала и нинџутсу методи на собирање информации и анализи.