Лекција

Мојот учител по Даито рју Аикибудо, сенсеи Черта, ме направи лом, пуздер и парам-парче (се во едно). Се чуствувам лошо денес, поради тоа што го изневерив и му згрешив.

Поради далечината и неможноста да се гледаме, ја користиме модерната технологија за комуникација (интернет). Честопати ќе снимам некое видео парче од нашиот тренинг и потоа ќе го закачам на ју туб (на приватен линк, не на јавен) и ќе му го пратам на сенсеи за да ги искритикува и да ми ги посочи грешките. Сенсеи Черта е многу строг и праведен и секогаш правилно ја оценува секоја техника (или ситуација).
Вчера, пред спиење, го отворив електронското сандаче и се соочив со неговата правдина и со моите големи грешки.

Сенсеи Черта со многу лут тон ме прекорува поради тоа што последното видео наместо на приватен, сум го ставил на јавен линк (од пусто незнаење, не намерно), па секој можел да го гледа. Како претставник на неговата организација, со моите грешки на видеото, му нанесов голем срам. Грешките почнуваат од таму што муданша (ученик) не смее да носи хакама, па одат до таму што појас не се носи над хакама (иако имав ставено бел, а долното кимоно беше испрано, но кој ми е крив што не го исправ цела недела порано???). Потоа следеа уште еден тон забелешки кои што само мајстор од негов ранг може да ги забележи.

Најмногу од се ми е криво што сите тие пропусти ми се толку јасни, а сепак ги занемарив. Ги занемарив затоа што мислев дека како почетници во Даито рју, како мала група, засега ни е важно само да вежбаме и да напредуваме во техниката. Но не е така. Сенсеи е во право (секогаш). Почетник или не, мала или голема група, јас сум претставник за Македонија на неговата организација.

Ете зошто треба да се има добар учител. Затоа што кога Вашата ароганција ќе стане толку голема за да си земете слобода да си правите како што Вие мислите дека треба, тој треба да ве тресне силно од земја и да Ве приземји повторно. Учителот е секогаш во право. Чим сте му го довериле Вашиот живот во негови раце и чим сте му дозволиле тој да Ви го осветлува Патот, тогаш мора да верувате на неговите зборови, акции, дела и намери.
Сенсеи Черта ме критикувал многу пати (со право). Секогаш без ниту една негативна мисла сум ги прифаќал неговите забелешки. Во моментот кога ќе помислам нешто лошо или моето его ќе направи некоја лоша гримаса на моето лице или срце, тогаш јас повеќе не ја заслужувам неговата добрина.

Sensei, mi dispiace tanto.