Корју Буџутсу не е спорт. Да бидеш учител во традиционално доџо е голема одговорност.
Многупати за време на тренингот, кога треба да подучувам некоја ката за која што сум проценил дека е премногу опасна за да се изведе со голема брзина, најавувам дека истата најпрвин ќе ја изведам споро. Откако уке ќе се навикне на движењата и ќе најде начин како да ја избегне повредата, тогаш ритамот на ката-та го забрзувам и обично велам: „еве сега ќе ја направам истата брзо.“
Но постои една група од 3-4 луѓе, „неверни Томо-вци“, кои додека подучувам честопати знаат да направат „фаца“ која вели: „е како да не, ова било брзо, што се замислува овој“. Иако, тие мислат дека јас не ги забележувам, од мој агол „таквите работи“ се гледат кристално јасно.
Дали во таков случај, за да го докажам спротивното, би требало ката-та веднаш и ненајавено да ја направам брзо и ефикасно, за да никој не се посомнева во мене?
Не. Корју буџутсу не е спорт. А да бидеш учител во традиционално доџо е голема одговорност.
Замислете доколку станува збор за ката со оружје, а учителот „падне“ на таква глупава провокација? Замислете тој да не знае како да го совлада своето его и почне да се докажува пред своите ученици? Зарем треба некој да „отиде“ за да водачот на доџо-то ја докаже својата вештина?
Многупати сум се нашол пред различни предизвици, но никогаш не сум дозволил моето его да ме совлада и да почнам да се докажувам. Многу добро знам колку се опасни кобудо техниките. Затоа пред провокациите упатени со „фаца“ и подсмев не одговорам никогаш. Најчесто велам: „не успева секогаш“ и продолжувам понатаму. Но знам дека ако направам за да успее по секоја цена, некој ќе биде повреден. А вештината на учителот не се гледа од неговата способност да ги повредува учениците, туку од начинот на кој тој се движи низ просторот.
На последниот тренинг имаше ситуација кога еден од помладите ученици мислеше дека поради неговата флексибилност ќе може да се ослободи од „Те но учи“. Станува збор за ученик кој има предуслови да стане добар воин во иднина, но се уште неисукусен и незрел. Без да потклекнам на „предизвикот“, но со желба да ја покажам ефикасноста на оружјето и техниката, го врзав малку поквалитетно без при тоа да го стегнувам околу вратот. Но неговата желба за докажување, направи тој самиот да го затегне јаженцето, така што моравме експресно да реагираме за да не се најде во поголема невоља. После оваа случка, истиот ученик го зголеми своето искуство и на своја кожа ја увиде опасноста од техниките.
Корју Буџутсу не е спорт. Да бидеш учител во традиционално доџо е голема одговорност.
_________________________________________________________
Обично во недела избегнувам да пишувам. Но денес е прочка. Затоа на овој ден, ги замолувам сите мои ученици да ми простат за се што сум им згрешил во изминатава година.
Простете ми!