За кого-како

Понеделник. Осум часот. Веќе сум на работа. Рутински почнувам со отворање на мејловите и преписките што следуваат потоа. Мејлот за домашни (даито@) е празен. Добро е, помислувам, ова е реткост, а после напорниот работен викенд и рацете здрвени од врзување жица за арматурите на темелот, добро ќе ми дојде да не типкам на тастатурата. Го отворам мејлот за надворешни (буџинкан@) и…полна капа. Седум „комада“. Планот дека ќе одморам од типкање за миг паѓа во вода. Марио Тушек, Перо Антуновиќ (буки мајсторот), Марио де Мол…консултации, договарања, честитки.
Чук, чук, некој тропна на вратата и ја прекина тишината во канцеларијата. Кој ли е сега, ми прелета брзо низ глава, со оглед на тоа што сите се заминати на одмор.
На вратата се појавија две девојки. Им земав „мерка“ во секунда и во истиот момент им направив психолошки профил.
Во рацете папки, флаерчиња, лесно нашминкани, летни фустанчиња и папучки апостолки на ноџињата. Овие нешто продаваат, заклучив.
-Здраво, може да влеземе, прозборе едната од нив.
-Слободно, повелете, одговорив, но ако ми продавате нешто, не сум заинтересиран, веднаш им возвратив со насмевка.
-Пааа, почна да им се крши филмот, а сигурноста во гласот им се намали, само ислушај не, а не мора ништо да купиш, со кисело смеење одговори повисочката и очигледно поискусната во работата.
Седнаа на столчињата спроти мене и почнаа да објаснуваат дека нудат некакви годишни картички за претстави во Драмски театар, со чие купување следуваат едно чудо попусти во разни продавници за стока и услуги.
-Многу сте ми симпатични и двете, но јас не сум заинтересиран, им одговорив откако ги ислушав внимателно.
-Како така не сте, се побуни пониската сега, како тоа еден етнолог да не го интересира културата?
-Види, се е тоа одлично што го нудите, но јас немам време за претстави, ресторани, козметираи по салони и слично.
-Е што правите тогаш секој ден? Не ви е досадно?
-Имам многу деца по дома. Одам во доџо. Имам ученици и вежбаме боречки вештини.
-Не ти е досадно секој ден да го правиш тоа? А? Па ти живееш многу досаден живот, почна да се закачка другата, помалку нервозна што не успеа да ми шитне картичка.
-Да, според Вашиот стандард, мојот живот е жива досада. Но јас сум многу среќен и задоволен со таквиот ритам, им возвратив смирено и насмеано.
Поставија уште неколку прашања, се обидоа уште еднаш да ме убедат да купам картичка и откако повторно ми кажаа дека мојот живот е никаков, си заминаа.
Си заминаа задоволни, што барем им успеа да „ме убедат“ дека мојот живот е досаден. Јас си останав задоволен што никогаш не сум нудел никому ништо освен боречки вештини. Останав да го живеам мојот „досаден“ живот.
За кого-како…