Залет

Викендов разгледував некои стари фотографии и писма поврзани со мојот тренинг во Буџинкан. Случајно налетав и на моите стари дипломи кои значително се разликуваат од денешните. Се потсетив на времето кога се вежбаше за знаење, а не за дипломи, но и на времето кога тие почнаа да стануваат средство за заземање на подобра положба во организацијата.
Тоа беше време кога сите дипломи беа доделувани од страна на водачите на доџо-а. А истовремено беа под покровителство (и признаени) од страна на соке Масааки Хатсуми. Тоа всушност и го пишуваше на самата хартија. Повеќето од денешните топ инструктори (шихани) всушност имаа такви дипломи за кои што јас пишувам.
Некои од тие парчиња хартија изгледаа и прилично смешно, зборувам од визуелна гледна точка, но сепак, никој не се грижеше за тоа. Знаењето беше тоа што беше приоритетно.
Потоа, одненадеж дојдоа нови времиња. Падна одлука старите дипломи да се заменат со нови. Тие што имаа услови да заминат во Јапонија, тоа го направија лесно. Тие што немаа, се молеа кај тие што имаа, со цел да им бидат признанени или да ги преполагат повторно.
Заебани времиња, но сепак, доста почесни од овие сегашниве.
Денес, многу млади мајмуни ќе се залетат и ќе се „фатат“ за дипломите. Не за џабе велам, да се фатиш за работа што не ја познаваш, е исто како да се „фатиш“ за нешто „друго“. И не случајно додавам, за да зборуваш за деликатни работи (како за дипломи), треба да ја познаваш ДУШАТА на Буџинкан. А тоа го можеш само ако си бил, и се уште си, со ЛУЃЕТО кои биле дооолги години во јадрото. Но ако си маалска џукела која што само знае да лае (по тој што го ранел), а која се продава за парче хартија (диплома) на некоја друга маалска џукела, која што е малку попамента од тебе, тогаш цел живот ќе останеш „кусур за поткусурување“. И ќе се лажеш дека твојата лага е вистина се додека и самиот навистина не поверуваш во неа.
За сите тие што се залетале како млади мајмуни, еве им фотка од диплома за нидан (името го замачкав поради заштита на приватноста) на еден од денес најголемите авторитети во боречките вештини во Европа.
Не мора воопшто да се чудите и распрашувате. Да бевте во Буџинкан во тие години, кога се уште мочкавте во пелени, ова ќе ви беше сосема нормално.