До кога вака?

Ја ставив торбата со опремата на задното седиште во возилото, кога отспротива, група од 15 основци (околу 13-14 години) нападнаа момче кое што се движеше на патеката отспротива. За миг го кутнаа долу и почнаа да го шутираат по целото тело. Извршувајќи го злоделото, викаа гласно и бесно, охрабрувајќи се меѓу себе за да може уште пожестоко да удираат по беспомошникот.
Додека во главата ми се вртеше старата источна поговорка: „доколку си сведок на криминал, а не преземеш ништо, тогаш и ти учествуваш во криминалот“, се упатив кон толпата и со викање и влечење почнав да ја растерувам. Не дека сметам дека сум премногу храбар или силен, но повеќе од што не можам да трпам неправда. Додека насилниците збунето ме гледаа, момчето кое што беше нападнато стана набрзина и почна да бега кон раскрсницата.
За миг малолетниците се двоумеа дали да ме нападнат мене или да тргнат по него, но набргу ја избраа втората варијанта. Изгледа и тие добро ја проценија ситуацијата како што и јас ја проценив.

Со поглед го испратив момчето и забележав дека групата пополека почна да се откажува од потерата, а потоа мирно влегов во возилото и заминав кон доџо-то.
Тоа што ме изненади беше коментарот на еден од учениците кој ми кажа дека ваквите настани биле во мода и дека многу „копиљаци“ од Ново Лисиче и Аеродром напаѓале во група и претепувале осаменици.
Се прашувам, каков ли е тој бес што ги тера младите така да се однесуваат? Какво ли им е домашното воспитување? Води ли државата воопшто грижа и дали се грижи доволно за безбедноста на улиците?
Многу прашања, а малку одговори.

Останува само задоволството од сознанието дека младите во нашето доџо се насочуваат на вистинскиот Пат. Господ нека не чува.