Упис на нови членови во доџо-то во Аеродром

Што е тоа корју буџутсу (класични јапонски борбени вештини)?

Ова прашање бара многу повеќе простор за да се објасни подетално, но накратко би објасниле дека тоа се борбени вештини создадени пред периодот Меиџи (1868 година) и биле наменети за војување на бојното поле за време на граѓанските војни во Јапонија. Тоа подразбира не само голорака борба, туку и користење на најразлични оружја употребувани на бојното поле како што се катана (меч), јари (копје), нагината (хелебарда) и слично. Сите тие вештини се пропратени со посебна филозофија и психологија, но и многу други знаења кои биле потребни за да се преживат тие турбулентни времиња од јапонската историја.
За разлика од корју буџутсу, постојат и модерни боречки вештини таканаречени гендаи будо во кои спаѓаат карате, џудо, аикидо, кендо (итн.), за кои, исто така, немаме доволно време да пишуваме тука. Доколку сте заинтересирани да вежбате гендаи будо, тогаш обратете се во некои од многуте клубови во нашата земја, а ние Ве уверуваме дека постојат голем број одлични инструктори за овие вештини.
Доколку одберете да вежбате класични јапонски боречки вештини, тогаш добредојдовте во единствениот клуб во нашата земја – Буџинкан Македонија.

Внимавајте!

Известени сме дека во последно време се појавиле некои самопрогласени буџинкан учители кои тврдат дека вежбаат „правилно“ нинџутсу. Пред да почнете да вежбате со нив, побарајте да Ви ја покажат лиценцата (менкјо-то) за шидоши која е доказ дека се овластени за да се претставуваат како претставници на Буџинкан Доџо. Секаков изговор во врска со тоа значи дека тие учители лажно се претставуваат.

За обуката?

Школото за класични јапонски борбени вештини Буџинкан Македонија отвори ново доџо во населбата Аеродром кое е наменето специјално за сите кои што сакаат да зачекорат по Патот. Запишувањето е бесплатно, а месечната членарина изнесува 1000 денари. Тренинзите се одржуваат секој ден во зависност од секцијата што ќе ја одберете. При уписот не добивате ниту кимоно, ниту мајца, ниту капче. Парите собрани од членарината се користат за плаќање на просторот за тренинг, а тренинзите, кои всушност се бесплатни (без пари), ги плаќате со Вашата пот и со Вашиот труд.
Корју Буџутсу не е спорт. Тоа е знаење наменето исклучиво за личен психофизички развој и постигнување напредок на секое поле од животот.
После неколку месеци од Вашето зачленување и редовен тренинг, ќе преминете во Хомбу (централното) доџо-то на Буџинкан Македонија. Таму ќе се придружите на напредните ученици и тогаш почнува Вашиот вистински тренинг. Вие ќе бидете дел од нашето семејство, но и натаму ќе треба да се борите за да се здобиете со почитта која ја очекувате. Вниманието во нашето доџо се заслужува само на еден начин: со искрен приод кон вештината!

Колку клубови за нинџутсу има во Македонија?

Сите во Македонија кои вежбаат или вежбале (Буџинкан) нинџутсу или некоја друга класична јапонска борбена вештина, биле ученици на инструкторот Довезенски (повеќето добри – а само неколку избркани од клубот поради нечесност или занимавање со политиканство наместо со тренинг).
Дозвола за легално отворен клуб, стекната со чесен и напорен тренинг досега добиле учениците Марјан Прошев и Марко Опачиќ.