Честито Мони

Мони положи за 6-ти кју во Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден). И за половина час ги собра лајковите на ФБ. Прв и честиташе мојот голем пријател и воедно најдобриот мајстор во Џиненкан, Марио Де Мол.
Шидоши Хо Марко напиша „Девојчето штотуку почна да ја пишува историјата“. Се согласувам со него 100%.
Мони веќе го зазема своето место во Пат кон Сонцето. И неуморно се качува кон пиедесталот.

Таа е едно од оние деца што израснаа во нашето доџо. Дојде помалку несреќна, но за кратко време и се врати насмевката на лицето. Како и многу други, откри дека подршката што ја добива и љубовта кон тоа што го работиме, може да ги заменат недостатоците во животот.

Многу од (тие) деца(та) се откажаа од Патот. Израснаа, почнаа да излегуват во град, да ги откриваат „убавините“ на животот и многу работи им станаа „послатки“ од напорниот тренинг. За разлика од нив, Мони и понатаму граби напред и ги открива убавините на традиционалните јапонски вештини. Нејзината воља од ден на ден е се поголема, а истовремено и нејзината техника се подобра.

Веднаш после полагањето за 6 кју во Даито рју, го откажа полагањето за 4 кју во Буџинкан со зборовите: „сенсеи, не сум подготвена за 4 кју, мислам дека е прерано за моите години“. Мони – созреваш. Но, те чекат големи предизвици. Од тебе, сега ќе има големи очекувања. Сите мои пријатели од светот на боречките вештини ќе сакаат да го видат мојот ученик кој „никогаш не пропушта тренинг“. Затоа ќе мора уште понапорно да работиш на себе. Да бидеш подготвена да се покажеш во најдобро светло.

И внимавај. Годините ти се такви, лесно можеш да тргнеш по друг Пат. Но кој Пат и да го одбереш, јас (сенсеи) секогаш ќе бидам зад тебе.

Гамбате!!!