Семпаи

Да се биде семпаи во традиционално корју доџо е голема чест и одговорност.

Семпаи треба да се грижи за многу работи поврзани со тренингот. Сега ќе набројам само  неколку.

  1. Грижа за безбедноста на почетниците и кохаи-те. Понекогаш, во доџо-то се случува да дојде да вежба некој од страна. Семпаи треба внимателно да го набљудува неговиот однос. Доколку тој сака да ја наметне неговата филозофија на сила, додека вежба со некој почетник, семпаи треба да се замеша и да го оправда почетникот со зборовите: тој е апсолутен почетник, ќе го заменам јас како уке.
  2. Семпаи треба да внимава почетниците и кохаи-те да не употребуваат премногу неконтролирана сила за време на тренингот. Доколку незнаењето се замени со сила, лесно може да дојде до повреда.
  3. Семпаи треба да ги мотивира почетниците. Тој е модел за тоа како треба еден почетник да се однесува и да вежба. Треба да им обрне внимание за Реи Хо, да ги подучи за односот кон тренингот, но и да ги научи на љубезност.
  4. Кога сме кај мотивацијата, семпаи шири позитивна енергија низ доџо-то. Неговата воља е толку силна што ги тера сите повеќе да „буткаат“ напред. Доколку семпаи седне за време на џунан ундо, како може да се очекува дека помладите ќе дадат се од себе?
  5. Семпаи има блиска и директна комуникација со сенсеи. Проблемите во доџо-то ги дознава сам и ги решава веднаш, без чекање. Доколку не може да ги реши, веднаш го информира сенсеи за тоа. Семпаи-то ги „крши“ негативните мисли кај останатите и веднаш ги враќа на Патот тие што скршнале. Тој ги избегнува членовите кои развиваат и шират негативност и одбива да се поистоветува со нив. Семпаи-то ги собира околу себе членовите кои позитивно размислуваат и кои акомулираат добрина во срцето.

Сакате да бидете семпаи достоен за почит? Почнете од тука. Денес!