Која е крајната цел на еден учител и водач на доџо во однос на своите ученици?
Да направи добри борци? Да оформи здрави индивидуи? Да создаде стабилни и одговорни личности? Да направи „комплетни луѓе“ кои би можеле да се наречат „татсуџин“?
Или сето ова заедно?
Ова го посветувам на сите „успешни приказни“ во нашето доџо. На сите кои дојдоа несигурни и слаби, а излегоа победници. На сите кои ги применија принципите на будо-то во секојдневниот живот и се искачија неколку скалила погоре. На сите кои ги победија болестите и депресијата. На сите кои се вработија и оформија семејство. На сите кои ги искалија своите тела и станаа цврсти и здрави. На сите кои го наоштрија умот и сега ги забележуваат сите ситници наоколу. Искрено се восхитувам на сите мои ученици кои „пораснаа“ во нашето доџо.
Колку е важно да се разберат принципите на будо-то? Би кажал дека е најважно од се. Многумина можат да станат прекрасни борци, но и да останат само на тоа. А техниката може да се подобрува и да се влошува. Таа зависи од нашето време поминато на тренинг.
Принципите остануваат во нас засекогаш. И се применливи во секое време. Затоа секогаш повторувам на моите ученици да се концентрираат истовремено и на духовниот развој.
Дали сите успеваат? За жал не. Не можат сите да успеат затоа што немаат воља за тоа. Или, пак, нивното големо его ги залажува дека се совршени и дека воопшто и немаат потреба да се усовршуваат понатаму. Има ученици кои никогаш не седнале да поразговараат со мене и да побараат некој совет за својата состојба. Се срамаат да ги признаат своите грешки и слабости. И јас го прифаќам тоа. Тоа си е нивно право. Но доколку не се искрени кон мене, не можам да им помогнам. Доколку не побараат помош, не можам да им помогнам. А можам. И тоа многу. И некогаш го правам тоа и без тие да се свесни за тоа. Но оди многу тешко, на тој начин…
Што е тоа „успешна приказна“? Кој е дел од неа? Епа тоа се сите оние наши членови кои одат напред по Патот. Кои го грабаат животот со двете раце и кои знаат што сакаат од него. Кои завршуваат образование, наоѓат работа, девојка, сопруга, оформуваат семејство. Кои се реализираат. И тие треба да бидат пример за сите останати.
А што е „неуспешна приказна“? Неуспешна приказна е да седиш дома по цел ден и да се жалиш дека „ништо не е како што треба“. Да те издржуваат твоите родители, а ти да не се обидеш ниту да најдеш работа. Да велиш дека таа работа е „тешка, малку платена или глупава и не е за тебе“. Да не знаеш што да правиш со себе, да скиташ наоколу со мислите. А ако седиш дома и не правиш ништо, тогаш јасно е дека имаш цел ден и цела ноќ на располагање да размислуваш за триста глупости. И да реализираш некоја таква глупост, која еден ден ќе те чини многу. Да се полниш со негативна енергија, со лоши мисли, со гнев, бес, лутина и омраза.
Се обраќам на сите мои ученици кои време е да направат нешто во својот живот. На сите кои се уште вежбаат во моето доџо, бидејќи на останатите и немам никакво право да ги советувам.
Почнете од денес. Мрднете го газот од дома. Исклучете го својот компјутер или телевизор. Тие нема да ви донесат ништо ново. Растрчајте се. Завршете ги конечно натрупаните обврски. Завршете ги училиштата и факултетите. Барајте работа. Работете било што. Се, е подобро од ништо. Верувајте во себе. Ослободете ја Вашата креативност. Побарајте помош таму каде што мислите дека ќе ја добиете. Заборавете на егото барем за миг. Направете нешто добро. Нешто што нема никого да повреди, а многумина ќе направи среќни. Волонтирајте. Бидете доброволец. Гледајте напред. И верувајте.
Време е. Сите Вие можете. Ако сакате…