Тој е патот

Се сеќавам на еден тренинг од пред неколку месеци што го држев на почетниците во групата на Марче. По завршувањето, еден од нив ме почека надвор и ми постави неколку прашања во врска со животот и со проблемите на кои наидуваме за време на нашиот тренинг во доџо-то.

Откако му одговорив на прашањата, ученикот ме погледна со насмевка и ми кажа: „сенсеи, ми дадовте ист одговор како и семпаи Марко. Како него да го слушав додека ми зборувавте“.

Веднаш се сетив на еден друг разговор со еден ученик на Сенсеи Черта, кога прв пат бев во неговото доџо во Италија. Разговаравме за боречките вештини и малку се подотворив повеќе и почнав да раскажувам за нивната филозофија и принципи. Откако ме ислуша, ученикот ми кажа: „Игор, те слушам како зборуваш и цело време ми звучеше како да го слушам Сенсеи Черта како ми зборува“

Ова сум го слушал многупати низ мојот контакт со луѓето. И од познати и од непознати. И знам зошто е тоа така.

Сите кои цврсто и одлучно чекорат по Патот, порано или подоцна ги учат и ги прифаќат принципите на будо-то. А чим ги прифатиш, почнуваш да ги разбираш. Горе-доле, Патот е ист за сите. Можеби има различни „улици“, но сите водат кон иста цел. И низ сите тие патеки се судруваме со истите проблеми и ги решаваме на ист или на сличен начин.

Затоа, ако ме прашате мене или Марко или Зоки или било кој што го следи Патот, најверојатно ќе добиете ист одговор.

А ние никогаш не сме се консултирале што треба да кажеме или што ќе зборуваме. Ние не сме разговарале за тоа дали имаме исти ставови или заклучоци по некое прашање. Јас всушност во последниве неколку месеци најмалку се гледам токму со Марко и со Зоки. Но нам и не ни треба гледање, разговарање или договарање. Ние го следиме Патот. И затоа се разбираме без зборови. Само со срце.

Тој е Патот.

_________________________________________

Вчера новинарката на „Теа Модерна“ ми го прати финалниот текст за да дадам дозвола за објавување. Интервјуто ќе излезе во утрешниот број.

Како што и очекував, најмалку се концентрирала на тоа што го зборував за моите учители, а најмногу пишувала за мене. Го „средила“ интервјуто така „махерски“ да постојано се добива впечаток како се фалам за моите достигнувања. Нешто што најмалку сакав да се случи и на што најмногу внимавав. Додека го читав, пропаѓав во земја од фалењето и четките што „сам си ги мавам“. Поради тоа, ќе чекам да помине неделава и магазинот да се повлече од продажба, па после тоа ќе ја архивирам информацијата на нашата веб-страница односно јавно ќе ја обелоденам.

Тоа што сакав да кажам, е дека во интервјуто нема да прочитате ништо ново. Истите работи за кои постојано зборувам. Верност, искреност, издржливост, посветеност итн.

Истите работи за кои зборуваат и Свенерик и Марио Де Мол во моите интервјуа со нив, каде што ја искажуваат својата лојалност кон своите учители.

А што друго би кажале луѓето кои го следат Патот?

Тој е Патот.