Конечно во Јапонија

Коцката е фрлена односно картата е купена. Во септември патувам во Јапонија на 20 дневно изучување на јапонските класични боречки вештини.

Планот е целосно направен. Ќе имам по 4 тренинзи дневно, во вкупно траење од 8 часа. Тоа значи дека за 20 дена ќе имам 160 саати тренинг. Останатото време најверојатно ќе помине по возови и запишување на материјалот што дента ќе го научам. За спиење одвоив по 4 саати на ден, бидејќи сакам максимално да го искористам моето време таму.

Да, ќе биде пеколно тешко и ужасно напорно. Предвидени се тренинзи во Шимбукан Доџо (главното доџо за Теншин Шоден Катори Шинто рју), потоа во Буџинкан доџо-ата (кај неколку шихани), посета на хомбу-то на Џиненкан, средба и духовно патување со шугендо свештеник и уште неколку изненадувања кои ќе ги откријам по враќањето.

Сега би сакал да Ви се извинам на Вас (моите ученици). Последните неколку месеци на моменти бев помалку отсутен со умот. Концентрацијата ми беше слаба и движењета понекогаш некординирани. Имаше неколку причини за тоа.

Прво, ме мачеше тешко воспаление на десното рамо (тендонитис), кое го закачив пред неколку месеци и уште го влечам. Тоа се добива од голем напор и непримерно хармоничен тренинг. Мислам дека неколку од Вас приметија, особено за време на џунан ундо. Не можев ниту да се кренам од земја како што треба.

Второ, се поклопија неколку проекти (книгата, организирање на неколку важни настани, градба на летниковецот и сега на тоалетите во Хомбу), што ми одземаа доста енергија.

И трето и најважно – обезбедувањето на средства за патот за Јапонија. Тоа да Ви признам ѓаволски чини. Само авионската карта е 1000 евра. Таму се плаќа се. Од локален престој, превоз, па се до тренинзите кои поединечно се наплатуваат по час (за разлика од тука, таму да си наплатиш за вложениот труд и знаење, е сосема нормална работа). Целата оваа „авантура“ ќе ме чини над 3000 евра. За да ги обезбедам тие пари, покрај мојата редовна работа, паралелно работев на неколку факултетски проекти (транскрибирање, собирање и анализа на материјали), изработував реквизити за тренинг (шурикени, кунаи, врвови за копја за странство) и му помагав на мојот другар Ацо при промоцијата на неговите вина (помагав=швицарска техника на носење кутии со вино на грбача). И тука, користам прилика да му кажам едно огромно благодарам на чичко Ацо. Бидејќи таа работа што може да му ја работи било кој за многу мали пари, мене одлично ми ја плаќаше и со тоа ми помогна премногу во купувањето на картата).

Сега сакам јавно да Ви кажам ИЗВИНЕТЕ. На сите Вас кои не добивте доволно внимание. Извинете за секој момент кога бев отсутен со мислите или кога не можев да Ви излезам во пресрет. Едноставно бев (и се уште сум, не завршиле обврските, напротив дури сега почнуваат) изморен и ненаспан, ослабнат (5 кг) и дезориентиран на моменти. Се надевам дека ќе Ви надокнадам од октомври.

Еден колега од работа забележувајќи го ова ме праша: „па добро, што ќе ти е сето ова? Имаш петчлено семејство кое сам го издржуваш, мала плата, а ќе одиш во најскапиот град на светот“

Му одговорив: „Единствениот начин да успееш во буџутсу е да се жртвуваш. Ама вистински, без проценки или калкулации. Без задршки или задни намери. Во спротивно, ти само си играш будо. Ако не ги живееш боречките вештини, тогаш ти се играш како мало дете кое си замислува и си верува во своите замисли. Не сакам да бидам будо-ка како моите колеги кои пишуваат за будо, пуштаат клипови за будо, зборуваат за будо, а не го живеат. Сакам да одам на изворот. Каде што водата е најчиста. Да се напијам од таму и од таа вода да донесам на моите ученици“.

Има уште многу време до септември. Треба уште многу да се работи за да се обезбеди потребната сума. Но многу е полесно кога се има цел. Кога се знае што се сака. Мене работата не ме плаши. Жртвувањето уште помалку. Јас никогаш не сум бил паразит кој дреме дома и чека помош од блиските. Затоа, Ве замолувам да ме истрпите уште малку. Доколку се излезе како што треба, мислам дека од септември нашето доџо го чека ново поглавје.

Нинпо Иккан!