Дали се исплати? (од шидоши хо З. Тодоровски)

Со дозвола на шидоши хо Зоран Тодоровски, во целост го објавувам мејлот што тој вчера ми го прати на мојата електронска адреса.

——————————————————

Дали се исплати?

Денеска (28.08.2014) со моето семејство го спремивме следниот план:Ј ас рано утрово да тргнам пешки од Матка кон Крстовар а сопругата и ќерка ми да ме чекаат на Крстовар каде ќе ручаме и малку ќе се релаксираме далеку од градската врева и смрдеа. Така и беше.
Тргнав по планинарската патека. По еден час одење патеката завршуваше на една ливада на која си пасеше едно помало стадо овци. БЛАГОДАРЕНИЕ на искуството стекнато во Буџинкан Македонија и внимателното складирање на секој збор и совет од ТЕБЕ Сенсеи, знаев дека кај има овци таму има и опасни кучиња. Цврсто го стиснав мојот верен пријател „ЏО“ (колку го сакам, само да знаете) и очекував напад. Тоа и се случи (бидејќи овчарот не беше во близина да го спречи). Еден огромен пес (шарпланинец) кој највероватно беше водач на чопорот, веднаш штом ме забележа се стрча кон мене…Се, ама буквално се што сум научил на тренинг, за само еден миг ми помина низ глава…Инстиктивно останав потполно мирен (умот мирно езеро), страв не чувствував, но адреналинот низ моето тело се вбризгуваше во секоја клетка. Заземав став и го испружив г-дин Џо директно кон муцката на ѕверот, кој веднаш застана точно пред врвот на стапот. Лаеше неверојатно гласно и пена му течеше низ забите. Време беше за акција! Ѕверот доби едно многу силно тсуки директно во носот. Сигурно го здоболи многу бидејќи ја свитка опашката и се одалечи од мене 10-15 метри и си седна во тревата. Но тоа не беше се. Речиси во истиот момент од мојата десна страна ме нападнаа уште три шарпланинци, од кои два беа помлади и исклучително агресивни. Во истиот момент откако г-дин „водач на чопор“ си го доби по носот, првиот од подмладокот го треснав толку силно по вилицата што на момент помислив дека џо-то ми се скрши. Од силината на (јоко учи) на кучето буквално му летна главата настрана, така да се сруши врз другар му кој веднаш беше до него. Двајцава „младичи“ се повлекоа малку назад и некако се смирија. Немаа веќе желба за повторен напад. А вториот „старец“ кој беше со подмладокот, мудро си се тргна на страна. Сепак останав и понатаму со испружен џо пред мене во очекување на нов напад, бидејќи знаев дека нема да ме пуштат низ нивната територија. Неверојатно, но сето ова траеше само неколку секунди. Стопанот го слушнал лаежот на неговите песови, веднаш дотрча, културно ми се извини и ми овозможи да поминам низ стадото. Се поздравивме, тој тргна по својот пат, а јас по мојот, бидејќи таму на врвот ме чекаше семејството.
БЛАГОДАРАМ СЕНСЕИ за се што ме научи, чест е да се биде твој ученик!
И уште нешто: ДАЛИ СЕ ИСПЛАТИ?

Срдечен поздрав!
ш.х Зоран Тодоровски