Во тоа е убавината

Пред десетина години на вратата од нашето доџо се појави еден многу симпатичен и харизматичен пар – Игор и Марија. Вежбаа околу две години, во кои морам да напоменам дека беа многу редовни и посветени. И постигнаа одлични резултати. Понатаму, животот ги однесе во некој друг правец. Напредуваа на работните места, си купија стан, си основаа семејство итн. Но контактите никогаш не ги загубивме. Одвреме-навреме ќе се сретневме, ќе поразговаравме и ќе се присетевме на убавите денови поминати во доџо-то на Буџинкан Македонија.

Годините си минуваа, нивната ќеркичка Биле порасна и мама Марија само што ме информираше дека од септември Биле ќе стане дел од Буџинкан Македонија. Таа ќе се зачлени во детската група „Нинџа Клинци“.

Знаете ли колку е тоа убаво да се слушне, дека веќе втората генерација од едно семејството ќе ја продолжи традицијата на родителите.

Ете, во тоа е убавината. Во довербата да ти се довери најмилото на воспитување и тоа кога е најважно – за време на првите чекори од животот. Тоа, пак, значи дека и родителите веруваат во целисходноста на традиционалните боречки вештини и во квалитетот што нашето доџо го поседува.

Традицијата си продолжува, преносот на знаењето никогаш никогаш не застанува. Тоа е целта на корју-то.

Нинпо Иккан!