Се сомневаше?

Вчера се вратив во Скопје, а денес сум прв ден на работа. Се видов со Дара, ми пиша Мики, Марче ми се јави утрово – значи се се враќа во нормала. Редовната комуникација со учениците, на овој или на оној начин прави да се чувствувам нормално.

Пред малку бев во блискиот маркет да купам праска за ужина и се видов со еден наш член што веќе подолго време не доаѓа на тренинзи во доџо-то. На почетокот, како да сакаше да ме избегне, го сврте погледот и се обиде да го смени правецот на движење. Но кога го сменив и јас кон него, сепак одлучи да се поздрави со мене. Му беше непријатно, нешто му тежеше и правеше да се чувствува посрамено и помалку нервозно.

-Добар си, го прашав.

-Добар сум сенсеи, ама малку ми е непријатно да ве гледам во очи.

-Нема потреба, му реков, знам се. И не си прв, ниту последен. Се е во ред.

-Знаеш сенсеи, јас некако не заминав онака како што треба. Сега вежбам Би-џеј-џеј.

-Знам, тие работи веднаш стигнуваат до мене. Си бил на неколку тренинга, си се уверил во тоа што отсекогаш сум го тврдел дека „кој вежбал подолго време во нашето доџо нема никогаш повеќе да се пронајде искрено во ниту едно друго“. И се е во ред.

-Навистина е така сенсеи. Мислев дека таму ќе го најдам тоа што ми недостасуваше во нашето доџо, но видов дека таму уште повеќе работи ми фалат. Мислев дека ќе научам нови работи, но сега гледам дека сите тие работи веќе сум ги научил од тебе. Навистина, тој што искрено вежбал во нашето доџо, неможе никогаш повеќе со истата искреност и љубов да вежба во друго.

-Се сомневаше? Мислиш дека моите зборови се напразно изговорени? Нема потреба да ме избегнуваш. Не си направил ништо лошо. Помини некогаш да се видиме…