Тоширо Нагато – Даи Шихан во Буџинкан Доџо

13 јули, 2014 година. Соке Масааки Хатсуми го прогласи Тоширо Нагато за ДаиШихан 大師範.
Многумина побрзаа да ја пренесат оваа вест, без воопшто да знаат што точно значи тоа.

Иако, „даи“ се преведува како голем, во контекст на боречките вештини оваа титула се доделува на тој што го заменува актуелниот соке.
Така, во Даито рју Аикиџуџутсу постои титулата „соке даири“ или „некој што предава во замена на соке“.
Во Катори Шинто рју, исто така, постои титулата „даи шихан“, а неа ја носи тој што ќе го наследи сегашниот шихан Рисуке Отаке (во случајот неговиот син Нобутоши).

Овие титули обично се доделуваат кога носителот на традицијата е многу стар или болен, па така во случај тој да не може повеќе да предава, назначува свој наследник што би го правел тоа наместо него.

Што точно сака Соке да постигне со овој чин, ќе се дознае во наредниот период. Нема потреба од нагаѓање, иако не е тешко да се претпостави. Наше е да продолжиме со тренингот поради нашето самоусовршување, а сенсеи Хатсуми самиот ќе излезе со информација тогаш-кога тој ќе процени дека треба.

Доколку лично мене ме прашате за изборот на Соке, можам да потврдам дека е одличен. Тоширо Нагато конечно и непогрешливо го добива тоа што го заслужил. Тој е онаа сенка на Соке, која што никогаш јавно не се експонирала, а која отсекогаш верно и будно го следела секој негов чекор. Тој е човекот што 40 години се грижи за безбедноста на Соке и што многумина серковци ги има исфрлено низ вратата на доџо-то поради навредите упатени кон неговиот учител. Тој е ученикот што со дела, наместо со зборови, ја напиша својата историја.

Не можам, а да не се сетам, на еден стар текст објавен во 1987 година во тогаш популарниот американски „Нинџа Магазин“, кој гласи: “He is like the shadow of Soke Hatsumi and many see him as the one who will eventually take the helm of Bujinkan”.

Авторот на текстот е генијалец кој уште тогаш неверојатно прецизно го најави 13 јули, 2014 година.

Иккан!