Судејќи според разговорите со некои членови на доџо-то, можам да заклучам дека се уште имам ученици кои што не можат да разберат зошто толку многу време посветуваме на Џунан Ундо.
Бидејќи многупати сме разговарале за придобивките од Џунан Ундо, овој пат ќе се обидам да дадам едно подиректно објаснување.
Во деведесетите години на минатиот век, џунан ундо-то беше застапено во големи количини за време на секој тренинг. Тоа беа луди времиња, кога вежбавме многу саати секој ден, па имавме повеќе време за да посветиме на вежбите за зајакнување на телото. Во тие години, бевме толку посветени, што покрај тренингот во сала, постојано наоѓавме нови места во природа каде што секојдневно „трупавме“ нови саати и саати тренинг. Како што минуваа годините, некои нови приоритети почнаа да ја притискаат огромната желба за напредување во кобудо-то. На крајот, останавме само тројца што можевме да си дозволиме дополнителен тренинг. Од тие причини, се договоривме вежбите за зајакнување на телото да си ги работи секој по дома, додека за време на редовните тренинзи во доџо да се посветиме повеќе на боречките техники. И така би.
Годините „минуваа“. Се вежбаше се повеќе „на техника“, а вежбите за „домашна“ по некое време продолжив да ги работам само јас.
Како резултат на „новиот начин“, за брзо време се постигна солидна техничка подготвеност, но сите тие прекрасни техники одредени ученици многу тешко можеа да ги имплементираат во реалност поради физичката слабост.
Низ процесот на учење, не поминуваат само учениците на Буџинкан Македонија, туку и инструкторот, кој и самиот е дел од тој процес. Преку таа заемна интеракција, преку заедничкото чекорење по Патот, и инструкторот согледува и учи.
Последниве години, со развојот на модерната технологија, со зголемувањето на невработеноста, со начинот на живот кој се повеќе е стациониран и флегматичен, забележав дека многу новозапишани ученици имаат големи деформитети. Сколиози, кифози, лордози, нозе „х“ и „о“, искривен врат, зголемена килажа или ужасно мала мускулна маса. Сето тоа почна да ме загрижува.
Од претходоното искуство, знаев дека „вежбањето дома“ има краток век (инаку немаше да постојат фитнес или будо клубовите), па затоа одлучив да го вратам „стариот начин“ во доџо. И тука бев многу свесен за една работа. Знаев дека ќе загубам многу ученици кои нема да можат да ги разберат овие „промени“. Знаев дека тешкиот џунан ундо е премногу за оние што сакаат повеќе забава и динамика на тренинзите. Знаев дека повторувањето на истите вежби со тек на време ќе придонесат за побрзо „здосадување и збоктисување“ од доџо-то. Па сепак – РИЗИКУВАВ!
Ризикував на пример за една прекрасна девојка што ’рбетот и беше искривен во сите шест правци. Ризикував заради едно момче кое што немаше сила да помрдне ниту 10 килограми од земја. За девојчето со 10 сантиметри повисоко рамо (од другото). За оние со холестерол во крвта и слабо срце поради вишокот на килограми. Како и поради оние со смешно-мала мускулна маса.
Да го водев доџо-то поради финансиска добивка, никогаш немаше да предавам Џунан Ундо. Напротив, тренинзите ќе беа ултра-забавни и исполнети со многу нови техники и со многу мамбо-џамбо космички кати. Никогаш немаше да ги „мачам“ учениците со тешкиот, повторувачкиот и досадниот – Џунан Ундо.
Но, Буџинкан Македонија е „школо на животот“. Тоа е семејство, каде што водачите и постарите се грижат за здравјето и иднината на своите ученици. Место каде што се обидуваме да го направиме невозможното – возможно и место каде што ставаме раце онаму каде што сите кренале.
И на крајот, точно е дека со толку многу Џунан Ундо техниката ќе претрпи малку „назадување“ – гледано на кратки стази. Но на долги, техниката и те како ќе се подобри. Затоа што за изведба на секоја техника потребна е одредена сила која што ќе ги придвижи мускулите. А силните мускули обезбедуваат поголема брзина и снага за време на изведбата. Сето тоа прави техниката да изгледа „мазно и течно“, а со тоа да биде убава и ефикасна за око.
А сите знаеме дека подобро е да усовршиме една техника до крајност, отколку да знаеме 1000 без да можеме да ги примениме. И така, на долги стази, сите ученици добиваат со Џунан Ундо-то. И здравје и убавина и техника и снага…
А кобудо-то и никогаш не било за „ловците и тркачите на кратки стази“, зарем не?
п.с. За време на моите тренинзи во Хомбу Доџо-то во Јапонија, соке Хатсуми кажа: „You have to train your strength when you’re young to be able to use the “no strength” at a later”. Крај!