Бошикен

Шидоши хо Зоран С. Тодоровски, во негов стил дава објаснување за чувството по задобиениот „бошикен“.

_____________________________________________________________________

ЦЕЛОСЕН КОЛАПС
Велат дека секој воин или секој што претендира да биде, мора да поседува физичка и ментална сила. Треба да ги прифати и да опстои при сите предизвици, лесно да ги поднесе состојбите на болка кои можат да му го заматат умот. ПАТОТ по кој ВОИНОТ гази, ќе биде натопен со многу пот, понекогаш и со крв, но и исполнет со многу жртвувања.

ДА! Јас се согласувам со ова. НО постои НЕШТО што ваквото тврдење може да го побие во секоја смисла.Трае толку многу кратко, а неговата ефикасност е просто неверојатна. Се вика БОШИКЕН во Бутсу Метсу.
Најпрвин вресок од дното на душата. Телото пишти, умот уште погласно се буни. Во тој толку краток миг, целокупниот нервен систем доживува страшен земјотрес. И најмалиот нерв, оној што не би можел да се види дури ни со микроскоп, е изненаден. Се се руши. Телото и умот паѓаат како кула од карти. Како некој да ти вбризгал во телото деструктивна сила која коси се пред себе. Ментално и физичко цунами. Ужас!
Како куршум со голем калибар, бошикенот ја убива вољата, па дури и помислата да сториш нешто. За момент ништо на светот нема никаква смисла. Ги креваш рацете и се предаваш. На местото на ударот чувствуваш како да имаш дупка низ која истекува целокупната твоја енергија. Истекуваш самиот ти!
ш.х Зоран Тодоровски
10.11.2014 (пред полноќ)