Џунан Таисо

После тренингот со Соке во Хомбу, доцна навечер се враќав кон Нарита и до мене во возот седна еден иструктор од Канада. Почнавме да разговараме за начинот на тренинг во моето и во неговото доџо, а тој беше целосно изненаден кога му кажав колку време поминуваме во џунан ундо и во џунан таисо. Јас, од друга страна, не бев толку изненаден кога тој ми кажа колку време тие поминуваат во џунан ундо и во џунан таисо. Подбрадокот, стомакот, тешките и ограничени движења, сето тоа ми кажуваше многу за мојот соговорник.

Потоа тој ме потсети дека пред малку во Хомбу, Соке не го започнал тренингот со џунан таисо и дека „тоа воопшто не е потребно“, бидејќи „во реална ситуација и онака немаме време за растегнување“.

Тука разговорот отиде во друг правец. Јас ја сменив темата бидејќи загубив желба за разговор.

Сакам да посочам неколку факти за важноста на џунан таисо.

1. Џунан таисо е еден од најважните елементи во тренингот на нинџата. Флексибилноста на телото не само што не чува од повреди за време на тренингот, туку и го подобрува нашето здравје и ја одржува виталноста на нашиот организам.

2. За време на џунан таисо во нашето тело се случуваат илјадници процеси кои доведуваат до самолекување и одржување на доброто здравје.

3. Точно е дека во реална ситуација ние немаме време „за растегнување“, но ако се растегнуваме секој ден (или барем секој втор), нашето тело во секое време е подготвено за борба.

4. Факт е дека не само во Хомбу, туку и во речиси сите Буџинкан доџо-а не се прави џунан таисо пред тренингот. Но тоа не значи дека не треба да се прави, а уште помалку дека Соке не ги прави овие вежби. Напротив, Тој не пропушта ниту еден ден без нив, а доказ за тоа е неговата одлична флексибилност, неговата техника, неговото здравје и виталност, стотиците текстови и фотографии на тема џунан таисо.
Па чекајте малку…зарем Вие мислите дека Соке ќе Ви наплаќа по 35 евра од тренинг за да Ве учи џунан таисо?
Тоа треба Вие да си го правите во Вашето доџо со Вашиот инструктор.

5. Џунан таисо за некого може да биде здодевно. Обично секое повторување на одредени активности, кај човекот создаваат одбивност и отпор. Ние сме навикнати на промени кои ќе не размрдаат и ќе ни дадат нов импулс. Но токму тие промени доведуваат до тоа никогаш да не си ја „завршиме работата“ како што треба. На џунан таисо не треба да се гледа така. Воопшто и не треба да се мисли дека тоа е некоја напорна и досадно-повторувачка активност. Треба да се разбере дека џунан таисо е дел од нашето секојдневие, нешто без кое не е можно да останеме во добра психо-физичка форма. Тоа е дел од нашиот тренинг и воопшто не треба да ни биде мака да го повторуваме, туку напротив, треба да уживаме во секој момент додека нашите мускули и тетиви се растегнуваат и се полнат со крв.

Има многу да се пишува на оваа тема, но да не претерам тука, сакам уште да напоменам дека џунан таисо секогаш си оди „во пакет“ со џунан ундо. Ако мене ме прашувате кое од двете е поважно, ќе Ви кажам дека соодносот во Вашиот тренинг треба да биде 65% (џунан таисо) наспроти 35% (џунан ундо). Но како што кажав, едното без другото не може.