Соработка за напредок

Многупати досега сме зборувале за системот семпаи/кохаи и како тој одлично функционира во секое традиционално доџо. Сега, преку разговор на нашиот интерен Форум, ќе се обидеме тоа да го видиме и од уште еден агол.

Влатче: „Вечерва на тренинг, сенсеи спомена дека на шидоши хо Марко му треба помош за време на тренинзите во вторник и четврток. Јас се пријавувам за терминот во вторник.“.

…после првиот тренинг како помошник на инструкторот…

Влатче: „Знаев дека не згрешив кога се пријавив да му помагам на Марче на тренинзите, а тоа се потврди уште денес на првиот. Неверојатно е чувството додека ги гледаш почетниците како вежбаат. Тешко им оди, не можат да издржат долго во камае, имаат неправилни удари, се збунуваат кога блокираат. Веднаш сфаќаш дека и ти си бил таков пред неколку години. Огромна чест и одговорност е да се пренесува знаењето на почетниците, а истовремено и фантастична можност да се напредува во буџутсу. Се надевам ги задоволив критериумите на шидоши хо Марко и со задоволство ќе продолжам и во следните вторници“.

Марче: „Прво да кажам дека бев многу пријатно изненаден од пријавувањето на Влатче, но не бев изненаден од неговото одлично снаоѓање на првиот тренинг. Забележав кај него мала хаотичност и немир во умот, но тоа тој успешно го сокри и се справи со предизвиците. Ги контролираше почетниците постојано, им објаснуваше убаво и вешто ги анимираше постарите. Можеше да направи „целосна слика“ за сите ученици во доџото, па затоа го „шетав“ постојано. Сега знам дека работите може да ги види и од поинаков агол, а ова многу ќе му помогне во неговото понатамошно усовршување. Да водите доџо е огромна одговорност, а истовремено бара голема посветеност. Во групата имам деца од 10 години до членови на 39-годишна возраст. И машки и женски, со различни карактери и воспитувања. Сега броиме 22-ца, најмногу од отварањето на доџото за почетници во сегашниов простор (01.01.2013). Треба да се биде внимателен со секого и на секого да се посвети внимание, бидејќи секој треба да го добие заслуженото според неговиот труд, залагање и почит. Тренингот со почетниците ме исполнува, ме прави подобар и како учител и како борец и како човек. Секој тренинг е лекција и за мене, а помошта од страна е бесценета“.

Влатче: „Тој мал хаос и немир не можев да ги сокријам од тебе Марче. Дефинитивно имав трема, ама помина брзо. Навистина е прекрасно чувството да пренесуваш знаење на помладите (по звање). Сега видов како е и на другата страна и каква посветеност треба да имаш, но и трпение за сето тоа да биде успешно долги години. Секоја чест за сите кои држат часови, им се поклонувам“.