-Сенсеи, во петок ти ќе држиш тренинг или Марко, ме праша еден од учениците на вчерашниот тренинг.
-Најверојатно Марко, одговорив и додадов – немој да не си отишол во доџо поради тоа.
-Ама не, јас сакам да одам со друштвото во Велес, па затоа прашав.
Се уште не можам да разберам некои работи. Како може истовремено некој да сака да стане мој личен ученик, да достигне високо звање, да се смета себе си за сериозен практичар на кобудо, а истовремено да калкулира со тренинзите во доџо. Знам дека и за ова ќе бидам погрешно разбран, критикуван и озборуван, но јас сум цврсто убеден дека сериозноста кон класичните јапонски боречки вештини се огледува пред се кон самиот однос кон тренингот и кон самото доџо. И затоа секој наш член треба однапред да си постави одредена рамка низ која ќе се движи. Кажано поедноставно, не можете да сакате да бидете преблиски со мене и да ме прашувате за некои мои интимни одлуки и намери поврзани со Буџинкан Македонија, а истовремено да не давате се од себе и да не се штедите кога станува збор за Буџинкан Македонија. Или уште попростачки и повулгарно кажано: не можете да бидете сериозен кобудока, а својата енергија да ја трошите на страна за други активности.
Изберете веќе еднаш. А јас можам лесно да Ви помогнам во одлуката. Еве, однапред Ви кажувам дека најдобро е да си доаѓате на тренинзи заради рекреација, дружење, релаксација и здравје. Затоа што, доколку доаѓате со цел, еден ден да станете експерти за кобудо, треба навистина да се покажете. За да бидете мајстори за кобудо, треба да се откажете од многу преубави работи што можете да ги имате во животот. Нема шетање и денгубење за време на тренинзи и настани поврзани со вештината. Нема одење на други активности, каде што Вие ќе вложите пари и време кое можете да го искористите за Вашето усовршување во буџутсу. Нема хедонизам и одмор. Има само беда, преку која можете да ја остварите целта. И нема друг начин. Верувајте ми на зборот.
п.с. Оваа година ќе биде тешка за мене. Ќе организирам четири меѓународни настани од кои три во најголем дел самиот ќе ги финансирам. Планирани се и неколку семинари во странство, што исто така ќе ме исцрпат дополнително. И пред некој ден, дознав дека соке-то на Оно ха Итто рју (Сасамори Такеми) во јуни ќе одржи семинар во Италија. За миг се замислив и си реков „Чекај, немаш шанси за оваа година. И онака си пред банкрот“. И оваа мислам ме мачеше долго време, се до денес кога ми се јави некој внатрешен глас и ми кажа „Абе ти да не си станал калкулатор, па размислуваш што да правиш во врска со усовршувањето во кобудо. Зарем ти не ги подучуваш твоите ученици да не калкулираат доколку сакат да станат буџутсу мајстори“. Во истиот миг испратив писмо до организаторот со молба да ми дозволи учество. Нека ми дозволат, а јас ќе најдам начин како да отидам таму и да се поклонам пред Сасамори Сенсеи. Јас одамна го избрав Патот на бедата. Се откажав од сите други желби и потреби. Немам никакви активности поради кои можат моите најмили да ми префрлат дека многу време трошам на доџо-то и (не дај Боже) да ми постават некаква забрана на моите активности. Да. Беден сум и уживам во тоа. Но се поблиску сум до целта. Само преку бедата дојдов до неа!