Добриот Самарјанин

„Ги гледате ли овие мали калемени дрвца“, ги прашав учесниците на семинарот за лак и стрела, што се одржа викендов. Потоа, им ја раскажав приказната за добриот самарјанин. Но ова не е бајка, ова е сосема вистинска приказна која што се случува и во моментот додека го пишувам ова.

Во селото, каде што се наоѓа Хомбу Доџо-то, има еден човек кој секојдневно оди по планините и ридовите и ги калеми дивите круши. Тоа се дрвја кои што ништо не раѓаат, не растат високо и целите се „вооружени“ со многу остри боцки. Ќе нараснат брзо како жбунови и го затвораат патот, а не можат да се искористат ама баш за ништо. Освен за една работа – на нив да се накалеми питома круша. И така, некој добар дедо од селото, кој се труди никој да не дознае за неговите добри дела, оди секојдневно низ ридовите и планините и ги калеми дивите круши. Тие што се накалемени пред десетина години веќе даваат сочни плодови што секој намерник може да ги набере и да се наслади додека се движи низ селото. Питоми дрвја со зрели плодови насекаде. Убави, зелени, здрави. А никој не знае кој е „виновникот“ за тоа. Се обидувале жителите на селото да дознаат, се распрашувале по луѓе, барале, но досега не го откриле самарјанинот што се крие зад ова добро дело.

Велат, дека добрината е добрина кога никој не ја истакнува. Од друга страна, денес ретко и кој ја забележува и помислува на неа.

————————————————————————————–

Вчера, како и речиси секоја вечер, некој од Вас ме почека после тренинг пред доџо и посака да поразговара со мене. Разговорот беше малку подолг, па додека се шетавме низ аеродромските улици, ученикот ме праша:

-Сенсеи, како е можно луѓето да забораваат кога ќе направите нешто добро за нив?

-Не само што забораваат, одговорив, туку со времето дури и ме замразуваат, затоа што мислат дека ќе мораат засекогаш да ми бидат благодарни. Но јас одамна се навикнав на тоа и не сакам ништо да сменам.