Со што заслужив?

На Камп сме. Тука ритамот на денот е секогаш динамичен. Тренинзи со моите Воини од утро до мрак, а кога нема тренинзи – тогаш јас ги подготвувам тренинзите.
А во текот на денот, секогаш одвојувам малку време да ги прегрнам моите дечиња, бидејќи знам дека им недостасувам, бидејќи тие мене ми недостасуваат многу.

И така, Ксенче си вози хаврборд, а јас ја придржувам да не падне, кога таа наеднаш нагло сврти и со тркалото ми помина преку палецот. Хаврбордот е доста тежок, ама со Ксенија на него, тежи речиси 40 килограми.

Само што ми помина преку прстот, едно парче од кожата се скина и остана на тркалото. Влегов брзо во куќата за да не ме види Ксенче дека тече крв, да не се вознемири, а потоа откако влезе таа по мене, скришно и избегав кон доџото да се сокријам од неа – додека да подзаборави.

И одам кон Хомбу-то, а Воините играат некоја друштвена игра со карти за време на паузата. И само што ме забележија, сите загрижени почнаа да ме прашуваат што ми се случило. Ама во нивните очи се читаше онаа вистинска загриженост, а не само поради бон-тон.
Со што заслужив толкава љубов и почит од нив, си помислив по не знам кој пат.
Одговорот го добив за кратко.
Се вратив назад во куќата и Ксенче ме гледа како поткривнувам и со прегратка ми вели: „Тато, сега ќе одмориш еден тренинг, не можеш да вежбаш ваков повреден. Јас не те пуштам“.
А јас и одговорив: „Тоа не може да се случи никако сонце мое. И ногата да ја загубам, јас повторно ќе им одржам тренинг. Па тие дошле тука поради мене, да научат повеќе. Како можам да не им предавам?“

И нормално, веќе за половина саат од „повредата“, си одржав тренинг како ништо да не се случило.

Љубовта е двонасочна. Почитта – исто така. Дајте – за да Ви дадат. Ама искрено, без очекување нешто за возврат. Бидејќи давањето за да добиеш нешто назад не заслужува ниту љубов, ниту почит.

Јас сум среќен човек.