Продуховеноста на Учителот

Неолиберали, демократи, националисти, атеисти, хипстери, панкери, сељаци, вегетеријанци, традиционалисти, комунисти – од едната страна и Учителот за јапонски боречки вештини на другата. А истовремено и некаде помеѓу, над и под сите нив.

Многумина го пречекориле прагот на вратата на доџото, која секогаш била отворена речиси за сите. Секој од нив со различни идеи, сфаќања, желби, верувања и уверувања. Некои со мисија да ги наметнат своите убедувања на другите, а некои со внатрешен порив никогаш да не дозволат некому да им го наметне своето учење.

И помеѓу сите тие убедувања и уверувања се наоѓа Учителот, кој треба секого да го запознае, да му прозбори, да го потпраша, да го советува, да го утеши, а истовремено постојано да биде „на тапет“ и да му се мери и вага секој збор што ќе го каже и секоја мисла што ќе ја сподели.

А секој збор и секоја мисла, се насочени таму каде што треба. Во срцето на учениците. Да разбудат нечии емоции и мисли и да отворат врата за нивните зборови. Да го откријат карактерот. Да излезе на виделина. Да се види „кои сме и што сме“.

На националистите ќе им парафразира некоја левичарска фраза, на неолибералите ќе им сервира националистичка реторика, на вегетеријанците некоја нутриционистичка сељачка фора, а на атеистите верска поука. И смирено ќе ја набљудува јадицата која многу брзо ќе биде загризана. И многу брзо ќе го открие карактерот на секој ученик поединечно. И тогаш ќе знае каде, дали и колку треба да вложи од својата енергија и од своето знаење. Затоа што да споделиш знаење, значи да споделиш љубов. Да дадеш се од себе, а ништо да не очекуваш за возврат. Бидејќи еден ден и онака ќе бидеш напуштен од тие на кои си им дал дел од себе.

Да. Од една страна се сите тие кои мислат дека Учителот е некој продуховен лик кој целиот ден го минува во медитација. А никој од нив не разбира дека неговата духовност лежи токму во умешноста да балансира помеѓу сите различни ликови кои периодично гравитираат во и околу доџото. Духовноста е во можноста да се изберат најквалитетните и да се направи таа селекција која на крајот ќе ги задржи само најдобрите. Тие кои ќе станат комплетни личности, способни да излезат на крајот со сите предизвици и тешкотии кои следат на Патот. Тие кои ќе бидат наречени Воини.

А останатите? Ќе зборуваат колку се разочарани од Учителот седнати пијани во некое ќоше, додека длабоко во себе го вовлекуваат димот од цигарчето кое чади. И никогаш нема да разберат дека боречките вештини биле создадени за одбрана на семејството и на земјата. И дека секоја друга намена на боречките вештини е само производ на нивните желби и фантазии предизвикани можеби и од гледањето цртани филмови со омилените јунаци.

Да. Боречките вештини служат да се заштити земјата во тешките времиња и да се усоврши карактерот потребен за тоа, во мирнодопски услови. Секоја друга замисла е само Ваша фикција.

Затоа, не си го губите времето доколку не ја разбирате филозофијата на јапонските боречките вештини. Ако сакате само духовност изучувајте филозофија, религија, запишете се на јога. Ако сакате само одбрана, запишете се на бокс, фул контакт или борење.
Ако сакате да научите да ги сакате Вашите најблиски, да бидете благородни, дарежливи, големи, пожртвувани – тогаш јапонските боречки вештини се Вашиот најдобар избор.

И не заборавајте ја нивната првична намена. Не заборавајте ги причините зошто се создадени. Од тука почнува се. Сето друго е само надоградување.

Учителот за јапонски боречки вештини се наоѓа некаде помеѓу, над и под сите Вас.