Македонски Дух

Никогаш нема да успееме да бидеме ветена земја и достоинствен народ доколку не развиеме нешто што јас го нарекувам „Македонски Дух“. Затоа што благосостојбата бега од луѓе кои се полни со злоба, со завидлук, кои озборуваат и кои сејат омраза. Среќата е недостижна за народ кој ги учи децата уште од мали како да љубоморат на туѓата среќа, како да ја уништат слогата таму каде што ја има, како да го сопнат поуспешниот од себе. Мирот во душата не царува таму каде што се озборува, каде што се набедува, каде што се клевети. Нема хармонија во заедница во која децата се хушкаат против родителите и браќата против сестрите или обратно. Нема држава вредна за почит во која народот се подбуцнува еден против друг и во која предавството не се третира како најстрашен и најужасен чин.

Токму затоа ни е потребна нова преродба преку која ќе почне воспитувањето на децата од најмала возраст. А тоа воспитување треба да почне од родителите, преку наставниците, преку учителите и преку медиумите. „Македонскиот Дух“ треба да биде синоним за морални вредности кои ќе бидат сосема спротивни од сите погоре наведени слабости и негативности. Морални вредности кои ќе обезбедат слога, лојалност, патриотизам, храброст, воинство, правдина, работливост, заедништво, добрина, широкоградост, хармонија, љубов.

Јас нема да доживеам да го видам процутот на „Македонскиот Дух“, меѓутоа се надевам дека моите ученици преку своите деца и преку нивните ученици ќе го растат семето на преродбата и еден ден „Македонскиот Дух“ ќе биде синоним за сите морални вредности кои еден народ може да ги поседува. И тој дух нема да биде само доблест за нашиот народ, туку ќе може да го поседува и било кој друг што сака да биде подобар и поуспешен. Слично како кога за некој што не е Швајцарец ќе се каже дека е „Прецизен како Швајцарец“ или дека „Работи напорно како Германец“.

Веќе гледам како многу од вас се потсмеваат на мојата утопистичка замисла и тоа секако ми е пресметан ризик и можете слободно да ме наречете „непоправлива будала“, но истовремено таквиот ваш став ми е показател колкумина од Вас не’ го поседуваат и никогаш нема да го развијат „Македонскиот Дух“ во себе.