За желбата, пркосот и јунаштвото

Овој напис лесно можеше да добие наслов „Непослушност“. Но само доколку се работеше за некој друг ученик, а не за Марче. Не, за ученикот кој толку многу пати ја покажал и ја докажал верноста кон мене и кон моето доџо. Не, за ученикот кој секоја задача ја исполнил без задоцнување и без дополнителни прашања. Не, за ученикот кој никогаш не покажал недоверба или сомневање за некоја моја постапка или акција.
__________________________________________________________
Пред една година забележав мал оток на грбот на Марко. Веднаш знаев за што се работи. Искуството во доџо и годините поминати во тренинг допринесоа да можам лесно да препознавам „бурза“ (бурзитис). Тоа е поткожен оток исполент со течност кој телото го создава како одбрамбен механизам за заштита од чести трауми (удари) нанесувани на иста површина. Тоа најчесто е професионално заболување (паркетари, хигиеничари, спортисти итн.)
Кога првпат ќе се појави, треба да се престане со трауматизирање на местото и за кратко време отокот ќе се повлече. Но доколку ударите упорно продолжат, тогаш отокот се зголемува и прогресира.
Му кажав на Марко дека веднаш треба да престане да паѓа на тврдо и еден период не го користев како уке. На почетокот се чуваше од падови. И отокот се повлече.
Отокот се повлече, но не и Марко.

Неговиот јуначки карактер, цврстината која ја поседува и големата желба да вежба на начин како што вежбал неговиот учител (јас), направија тој повторно да се врати на паркетот без воопшто да се грижи за своето здравје.
Деновиве забележав дека отокот повторно се појавил. Овој пат можеби нема да се повлече. Сум се изнагледал бурзи кај пријателите од Буџинкан во некои соседни земји.
На секој тренинг, намерно јавно давам инструкција сите да вежбаат на татами (каде што нема опасност од бурза), но таа, (од мене) таканаречената хард кор група воопшто не ме слуша и веднаш се затрчува кон паркетот. Кога ќе го видам тоа, одам право кај Марче и му кажувам да оди на татами. Тој ќе се поклони, ќе направи израз на разочарување и повторно продолжува да паѓа на паркет. Не ме слуша воопшто и не ја извршува мојата наредба.
Драг Марче. Сега ти се обраќам директно на тебе. Јас паѓам на тврда површина од 1988 година. Во нашето доџо немало татами се до почетокот на 2011 година. Тоа беа годините на хард кор тренинг. Доста беше. Моето тело е целото со повреди. Но не мора и ти да го поминеш мојот Пат до крај. Учи од моите грешки.
Во минатото, во феудална Јапонија се вежбало хард кор. Но животниот век бил 40 години. Воинот се лузни и отоци се сметал за велик. Тоа било знак на воинство. Денес е знак на грдост. Денес (за жал) повеќе се цени нежноста кај мажите отколку вештината.
Доколку воинот доживеал 40 години, поради многуте повреди продолжувал да вежба само со меч (кенџутсу). Денес важи правилото дека човекот почнува да живее од 40-тата година, па натаму (како-па-да-не). Затоа те молам успори. Послушај ме. Полагањето нека ти биде последното укеми на паркет. Остави им го тоа на младите. Новото правило нека биде: до шодан паркет, потоа татами. Тоа ќе биде компромисот дека нашето доџо не омекнува.
Сега се обраќам на другите. Марко не ме слуша и вежба на паркет, иако го предупредувам пред секој час. Затоа, Ве молам, немојте Вие да прифаќате да вежбате со него на тврда површина. Послушајте ме Вие. Така ќе го заштитиме него.
На крајот, сепак ќе Ви ја пренесам последната изјава на Џорџ С. Пјер (шампион во УФЦ и голем воин на денешницата). Чисто колку да знаете дека боречките вештини си носат одредени последици и ризици. Тие отсекогаш биле и ќе бидат привилегија за посебна сорта на луѓе.

„I did injure my other knee, but after my surgery I’ll be making a full recovery in 6-9 months. It’s tough, but injuries are a fact of life for athletes. I might be down right now but I’ve gotten to where I am by overcoming obstacles. This will motivate me and I make this promise to my fans, mark my words, I will be champion again. I’ll be back stronger than ever“

Georges St-Pierre

п.с. Написот нема намера некого да исплаши или предупреди, ниту пак да признае некакви грешки од минатото.
Тој се однесува само на Марко и на неговото прекрасно укеми кое го изведува крајно пожртвувано и атрактивно без штедење и калкулации.