Се зарекла свиња…

Пред некое време Ви напишав писмо дека во текот на јуни и јули нема да доаѓам на тренинзи и дека поради мојот личен тренинг со некогашниот ученик Игор Стојановски-денес мајстор за Кашима Шин Рју Кенџутсу, ќе паузирам во доџо во следните два месеци. И не издржав. Уште по првиот тренинг со него, се појавив и во нашето доџо и вежбав и со Вас. И друг пат сум имал слични ситуации. Ќе најавам дека ќе отсуствувам и оп – ете ме пак во доџо. Секогаш сум го одржувал својот збор, без ралика на се. Сум го ризикувал и своето здравје и кариера поради зборот, но изгледа, кога станува збор за вежбање во нашето доџо, не може да ми се верува. Баба ми велеше: „Се зарекла свиња, да не једе говна“. Тоа важи и за мене најверојатно.

Завчера го оперирав коленото. Рана длабочка и широчка околу 10 см. Докторот ме предупреди дека две недели треба да лежам во постела, а потоа уште шест да не го оптоварувам никако. А јас вчера повторно се појавив во доџо. Онака, целиот искривен и инвалидизиран се мотав меѓу Вас како „прдеж у гаќи“. А само десет часа претходно, додека низ две игли течеше инфузија во моите вени си реков дека можеби е време навистина малку да одморам. Претходно додека ме подготвуваа за операција, додека ги бричеа влакната од моето тело, како овца пред да оди во кланица, повторно помислив дека е време за мал одмор. Додека влегував во операционата сала и им дофрлував смешки на хирурзите (секако храбар и насмеан, без нималку страв), ми помина низ глава дека овој пат ќе одморам барем две недели по операцијата. Се зарекла свиња да не једе говна.

Друг пат, кога станува збор за намалување на моето темпо – не ми верувајте. Помислете на свињата. Или „утепајте“ ме така добро, да не можам воопшто да станам од кревет. Само тоа може да ме спречи.