Минатата недела Сенсеи Черта побара од мене да му го испратам целосниот план за работа/тренинг при мојата претстојна посета на Јапонија. Секако, тоа го сторив веднаш, без никакви дополнителни прашања.
Следниот ден Сенсеи ми пиша повторно и ме праша зошто во мојата агенда нема ниту една посета на Даито рју доџо. Му реплицирав веднаш дека немам никаква намера да изучувам Даито рју Аикиџуџутсу кај друг учител и дека воопшто и немам потреба за тоа кога го имам Него. Додадов дека истовремено мојата лојалност не ми дозволува ниту да помислам на такво нешто.
Сабајлево го отворам поштенското сандаче и еве што ми напишал Сенсеи:
„НЕ!!! Посетата на Јапонија е секогаш неверојатно искуство. Те овластувам и ти наредувам да го посетиш секое Даито рју доџо што посакуваш и на кое што ќе наидеш. Ти си мој ученик во кого имам потполна доверба и на твојот талент му е потребно собирање на искуство колку што е можно повеќе. Само те замолувам, во кое доџо и да одиш, освен кај некои од моите поранешни соученици, да влезеш со бел појас и бело кеико ги. На тој начин ќе искажеш почит кон нивната работа“
Навистина не знам со што ја заслужувам довербата на Сенсеи. Не знам дали воопшто вредат тие убави зборови искажани за мене. Но знам дека Сенсеи е голем човек и голем учител. А неговата доверба во мене уште повеќе ме обврзува да го следам Неговиот Пат.