Види, Размисли, Согледај, Одлучи

Плански, разумно, по можност без грешки. Така некако би требало да делуваат членовите на Пат кон Сонцето. Треба да се види, да се размисли, потоа да се согледа реалноста и можностите и на крајот да се донесе мудра одлука.

Да. Токму затоа заминав во Италија за да можам полесно да донесам одлука. Да согледам и да одлучам после неколку годишно размислување „што понатаму со Оно ха Итто рју“.

Еве ги многу накратко согледувањата и одлуките.

Со ДОЗВОЛА на Сенсеи Черта ја исполнив мојата дамнешна желба. Да вежбам со наследникот на Оно ха Итто рју. Сакав пред се да го запознам Тој човек што секогаш кога ќе погледнам негова фотографија ми оддава впечеток на мир, самоконтрола, дисциплина и хармонија. И сакав да си олеснам во одлуката да се „држам подалеку“ од оваа прекрасна школа за мечување. Се прашувате зошто?

Ние во состав на Даито рју Аикибудо ја изучуваме школата наречена Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден). И секако, свесни сме дека не сме дел од официјалната линија предводена од Соке Сасамори Такеми  (17-тиот наследник). Никој и никогаш не го тврдел спротивното и отсекогаш Сенсеи Черта негувал огромна почит кон таканаречената мејн-лајн традиција на Оно ха Итто рју. Секако, таа почит ми е пренесена и мене, така што воопшто не станува збор за некаков риваливитет, или, пак, некакво „лажно претставување“. Нам исто така ни е пренесено дека традицијата на Оно ха Итто рју во Такеда-ден е воведена поради подобрување на аики техниките, како и полесно разбирање на принципите на јапонскиот невооружен начин на борба (џуџутсу/таиџутсу). И тука се е јасно.

Сепак, јас со години создавав надеж дека еден ден ќе започнам да ја вежбам „оригиналната“ (ова во наводници, бидејќи не постои друга) Оно ха Итто рју, бидејќи имав навистина голема почит кон оваа боречка школа. И тоа беше така се додека не се сретнав со Теншин Шоден Катори Шинто рју. Вторава, толку многу ја засакав, што љубовта кон неа целосно преовлада. (Проблемот е што моето срце е доволно големо и за двете).

Од друга страна, вежбањето на толку многу боречки школи и секојдневната посета на доџо-то, честите патувања и отсуството од домот, мизерниот начин на живот поради малите финансии и долговите предизвикани од мојата страст кон корју-то, направија да се забрза донесувањето на одлуката дека „време е да се намали темпото“ и да се направи „потесен“ избор. Но ќе бидам многу искрен. Ова не беа главните причини!

Главната причина се наоѓа во фактот што Оно ха Итто рју е толку многу различна од Катори Шинто рју, што почнав помалку да ги мешам (миксирам), а со тоа се појави грижа на совест дека нема да можам да усовршам ниту една како што треба. Се „исплашив“ дека ќе бидам чирак за се, а мајстор за ништо на крајот. (тука да напоменам дека „за чудо“, техниките на Буџинкан воопшто не се „спротиставени“ на техниките и принципите на Даито рју и Катори Шинто рју, туку напротив многу помагаат во изучувањето на двете).

Затоа ми требаше ова „Муша Шугјо“, за да можам да се уверам во сето тоа. И се уверив. „Оригиналната“ Оно ха Итто рју е толку многу различна од Катори Шинто рју, што е невозмжо да ги вежбаш и двете во исто време. Толку различни техники имаат, толку различни филозофии, што постојано се судираат и спротиставуваат една на друга.

И тоа не е се. Разликата почнува од самиот почеток, од начинот на поклонување и поздравување.

Затоа, сакајќи да усовршам целосно една кенџутсу школа, ја одбрав Теншин Шоден Катори Шинто рју. И токму затоа, после семинарот и „официјално“ се откажувам од намерата да ја изучувам Оно ха Итто рју.

Да не се разбереме погрешно. Мојата голема почит кон традицијата на Оно Тадааки останува и понатаму. После средбата со Сасамори Соке, таа е дури и поголема. И кога не би постоела Катори Шинто рју, сигурно би ја одбрал Оно ха Итто рју.

За време на семинарот со Сасамори Соке, се уверив во комплексноста на школата. Од него научив премногу работи кои засекогаш ќе останат врежани во мојата меморија. Од нив ќе имам огромна корист во иднина. Благодарен сум вечно за можноста!

Како знак на мојата почит кон оваа рју-ха, јас сум подготвен да ја дадам целосно мојата подршка на некој од моите ученици доколку посака СЕРИОЗНО да продолжи со изучување на оваа вештина. Тоа подрзбира логистика, простор, контакти итн. Но повторно повторувам – СЕРИОЗНО. Тоа значи подготвеност да се патува, да се жртвува, да се организираат и посетуваат семинари, да се вежба и води група.

А јас? А ние? Остануваме врзани за Оно ха Итто рју (Такеда-ден) како едноставна и скратена верзија, која ни служи да ја подобриме техниката за Аикиџуџутсу. Обврзани сме да го следиме тоа.

А како што веќе кажав, останува почитта и љубовта, а секако и подршката за понатаму…

п.с. За време на семинарот „Кенџутсу под Ѕвездите на Липац“, покрај Такеда-ден, за прв и последен пат ќе предавам и техники и принципи од Оно ха Итто рју Кенџутсу. Сите учесници ќе бидат запознаени со разликите и сличностите меѓу нив. Подгответе ги Вашите прашања.