Брзина на филмска лента

Со брзина на филмска лента се одвиваа настаните во последниве четири недели. Посетив еден меѓународен семинар во Италија (со Сенсеи Нобутоши Отаке во Милано), организирав два меѓународни во нашето Хомбу Доџо (Сенсеи Антонино Черта и Сенсеи Ерик Лоув), како и еден за Шиноби Таисо на кој јас предавав. Гледано од страна, сигурен сум дека никој не може ниту да претпостави колку труд е потребно за да се изведе сето ова. Да не зборуваме воопшто за тоа колку финансиски средства треба да се издвојат од сопствениот џеп. Велам од сопствениот, од причина што сите споменати настани, освен тој на кој јас предавав, ги „покрив“ лично, а со цел да им озвозможам на учениците кои имаат желба да вежбаат со моите Учители.

И сите тие непроспиени ноќи, сите тие дополнителни обврски за да успеам во тоа што сум го зацртал се занемаруваат кога ќе се случаат некои настани што ми даваат волја да продолжам понатаму. Овој пат за тие мали работи кои даваат голема сила да се истрае на Патот.

1. Дента кога Сенсеи Черта пристигна во Македонија, ја чекавме Косара пред нејзиното школо да се врати од четиридневната екскурзија во Струга. Половина час пред почетокот на часот за боречки вештини во нашето доџо, таа ми заѕвони на телефон и загрижено ми прозборе: „Тато, автобусот заглави на пластичарската улица поради некои демонстрации и се плашам дека ќе задоцнам на тренинг. Чекај ме спремен со ранецот и со кимоното, не сакам да пропуштам ниту еден час“.
Се замислив малку и се запрашав, од каде детево мое има толку голема волја за да замине право на тренинг, после толкав изминат пат. Кога автобусот пристигна, се гушнавме кратко и со голема брзина се упативме кон доџо-то. Стигнавме точно на време пред самата „молитва“.

2. Следниот ден го однесов Сенсеи Черта во Лабораторијата за Источни Кулутури (УКИМ). Со тоа ми се оствари една голема желба – мојот Учител да присуствува на еден мој час во „сината соба“ на Природно-математичкиот Факултет. Само што влезе во просторијата му пријде професорката д-р Весна Гершан (Институт за Физика), инаку редовен „вежбач“ во доџо-то и му се обрати: „Да го карате вашиот ученик. Ги скина лигаментите на рамото и само еден час паузираше. Јас знам дека за таква повреда треба најмалку шест месеци пауза и секако хируршки зафат. Ама истовремено сум среќна за неговото опоравување и да ви кажам дека бев сведок на целиот тој процес“.
Сенсеи Черта ја погледна со насмевка и и рече: „Ова момче е лудо. Го знам долго време, но што и да му кажам, се додека стои исправен на нозе – нема да прекине со тренинг, без разлика на повредата“.

3. Неколку дена откако Сенсеи Черта си замина во Милано, јас отидов на семинар во неговиот роден град. Во организација на шидоша Лујза Раини, се одржа четиридневно предавање со Сенсеи Нобутоши Отаке.
Третиот ден, по завршувањето на тренинзите гребаше да заминеме директно на вечера со учителот Нобутоши, па затоа влегов да се истуширам во салата каде што се одржуваше семинарот. Секако, облеката заедно со ранецот морав да ја оставам надвор од кабината за туширање. Ни беше кажано од страна на организаторот дека салата е заклучена за лицата од надвор. Кога излегов од кабината, забележав веднаш дека ранецот ми е откопчан. Посегнав веднаш по паричникот и забележав дека ми недостасуваат 250 евра, потребни за да ја платам хотелската соба при заминувањето.
Патувам на семинари уште од дете. И за дваесет и кусур години, ова беше прв пат да ме ограбат. И тоа во Милано, во Италија. И тоа од некој што вежба боречки вештини односно од учесник на семинарот.
На некои луѓе навистина не им е местото во доџо.
Само јас си знам какви маки „избуткав“ за да се вратам дома. Секако, никому не кажав за настанов. Ниту покажав некое разочарување или тага. Сега за прв пат соопштувам за тоа. Чувајте се…..

4. На семинарот со Сенсеи Ерик се пријавија само тројца членови на нашето доџо. За прв пат откога јас организирам семинари во нашата земја, имаме помалку од 8 учесници за некој меѓународен настан.
Сакам да им се заблагодарам на Марко, Ацо и на Таки за подршката што ми ја дадоа за време на последниот настан. Само толку имам да кажам за ова…..

Се гледаме вечер на тренинг.

Гамбатте Кудосаи!