Со крстот на чело

Три години по ред моите ќерки Косара и Ксенија се најредовни на часовите во детската група на Буџинкан Македонија (Нинџа Клинци).

Според правилата (статутот) на доџо-то, за возрасните кои немаат повеќе од три отсуства во текот на целата година, водачот на Организацијата им доделува Пофалница, која што се смета за многу важно признание за нивниот труд. Според истиот статут, на трите дечиња кои имаат најмалку отсуства во текот на годината, исто така им следува Пофалница.

Косара и Ксенија и во 2013 и во 2014 година имаа најмалку отсуства споредено со останатите дечиња. Но татко им (јас), не им додели Пофалници, иако сосема заслужено требаа да добијат.

Правилата кои важаат за моите ќерки се секогаш построги во однос на останатите дечиња.

Кога ме прашаа зошто за нив нема Пофалница и покрај тоа што отсуствувале само пет пати во текот на целата година, мојот одговор беше дека ќе добиева доколку немаа повеќе од три отсуства.

Знам дека не можат да ја разберат мојата строгост кон нив. Знам дека не им е јасно зошто правилата кои важат за сите, за нив се многу построги. Но еден ден ќе сфатат. Ќе разберат зошто нивниот татко секогаш бил со „крстот на чело“. И зошто, наместо да бидат привилегирани во однос на другите, за нив правилата секогаш биле построги.

Оваа година и двете се на добар пат да добијат Пофалници. Немаат направено повеќе од три отсуства во текот на целата 2015-та. И кога беа болни редовно ги посетуваа сите часови во детската група. И повеќе од тоа. Ги посетуваа и сите дополнителни саботни часови.

Само со труд и со крајна посветеност се добиваат привилегии во Буџинкан Македонија. И тие се подеднакви за сите кои се залагаат. Но секогаш, моите ќерки ќе треба да работат и да се докажуваат повеќе од останатите. Бидејќи доколку „крстот на челото“ падне долу, никогаш повеќе не може да се врати назад.

Подобро да те обесат за верност, отколку да те наградат за предавство

За време на семинарот во Романија, каде што бев поканет да предавам кенџутсу од страна да водачот на Шинган Доџо – Каталин Сореану, се случи да најдам малку слободно време и да се јавам преку вибер на семпаи Тодор Ангеловски, со цел да прашам дали е се во ред со тренинзите во „сината соба“.

Разговорот беше краток, а тој возвратно ме праша за условите во кои се наоѓам во моментот. Му одговорив дека Романците се однесуваат со неверојатна почит кон мене, дека ме сместиле во претседателскиот апартман во најдобриот хотел во градот и дека дури не се чувствувам баш најпријатно бидејќи не сум навикнат на таков лукзус.

Следниот ден прочитав на Форум дека Тоше и Марко накратко дискутирале за тоа, како корју-то секогаш ни возвраќа за трудот што сме го вложиле.

—Извадок од Форумот—

(Тоше: нa крaткo се слушнав сo Сенсеи, a пред тоа кoментирaвме сo Мaрче зa негoвиoт престoј вo Рoмaнијa. За тоа, какво е чувствoтo пoсле 20 и кусур гoдини пaтувaње, спиење пo дoџo-a, пaркети, лaдни тaтaми, хoстели и прчвaрници, дa те стaвaт вo претседaтелски aпaртмaн сo пoглед нa цел грaд и 7-8 метри гoлем прoзoрец.
Сенсеи бaш ми е милo штo тaкa те пречекaле, нaвистинa гoлемo брaвo зa дoмaќините и уште пoгoлемo брaвo зa тебе, зaтoa штo сo тoa штo гo прaвиш и не претстaвувaш, нaшетo дoџo, нaшaтa вештинa, нaшaтa земјa, несoмненo си зaслужил!
Марче: Баш е убаво да се види и слушне како е дочекан и угостен нашиот учител. Тошка, изгледа после 20 години корју-то почнува да враќа за жртвувањето.)

Тоа што сакам да го истакнам тука и всушност затоа и го пишувам овој блог, е дека не смееме да дозволиме егото да не совлада и да помислиме дека треба да вложуваме во нашата вештина со цел еден ден таа да ни возврати нешто што е материјално односно во вид на финансиска добивка. Ако се сеќавате на делот од книгата „Разговор со Учениците“, токму за ова не едно место напишав дека ниту еден од моите учители не вежбал за да има некаков финансиски поврат во иднина. Всушност, корју-то ни возвраќа на многу подобар начин. Ни дава здравје, енергија, знаење, мотивација, ни дава љубов.

Се друго, што после 20 години ќе си дојде, е само стапица која треба вешто да ја избегнеме со цел да не се најдеме во ситуација да станеме алчни и расипани.

Јас никогаш не вежбав за да отворам свое доџо преку кое ќе заработувам пари. Јас никогаш не вежбав за да предавам на семинари во Македонија или во странство. Јас не вежбав за да спијам во луксузни хотели и за да вечерам во префинети ресторани. Јас постојано вежбав ( и вежбам) со една цел – да ја усовршам вештината создадена од Учителите пред стотина години и правилно да ја пренесам на следните генерации.

Случајно или не, корју-то почна после 27 години лојалност – да ми возвраќа. Но како што напишав погоре, истовремено почна и да ми поставува нови тестови: дали ќе свртам од Патот, дали ќе помислам на можноста да почнам да станувам понезависен и да „предавам за пари“ или и понатаму да останам лојален на моите Учители и да предавам од љубов.

За среќа, јас никогаш не сум се двоумел ниту за миг во врска со Патот, а никогаш и не сум заборавил дека: „Подобро е да те обесат за верност, отколку да те наградат за предавство.“