Дрво без корен

Тој што ќе го отфрли своето минато – отфрлил дел од себе.

Тој што се срами од своето минато – се срами самиот од себе.

Тоа што сме денес е благодарение на нашето минато. Иднината никој не може да ја предвиди.

Сите што во Македонија денес тврдат дека вежбаат класични јапонски борбени вештини, почнале да вежбаат во моето доџо. Да не бев јас, тие никогаш немаше да дознаат што е тоа корју/кобудо. Ова е несопорен факт.

За жал, има и друг неоспорен факт. Сите патишта до корју-то во Македонија водат до мене. Значи не зборуваме за соработка со третокласни самоприучени мајстори со сомнителна диплома. Зборуваме за првокласни мајстори познати на меѓународната сцена и признати како најдобри.

Така, следниот пат кога ќе ја раскажувате вашата кратка биографија, не го плукајте делот во кој што сум јас. Затоа што тоа е најсветлиот дел од вашата биографија. Тоа што тогаш го научивте, таа основа што ја поставивте, се уште е најдобра и највредна. Ова другово засекогаш ќе остане прилепено и приучено на вашата основа.

Тие што отишле предвреме, пред да ја совладат основата, ќе останат засекогаш слаби во својата техника.

Дрво без корен не бива. Знаеле нашите старци.

Неразделни другари

Критиката и егото се добар пар. Одат рака под рака. Тие не можат еден без друг. Штом првиот некој го спомене, вториот веднаш се јавува. А штом вториот се јави, љубоморно затвора врата за првиот.

Се случува да упатувам критики до моите ученици. Особено за некои работи што мора да се почитуваат. Тие кои ги нарекуваме Гири“. Обврска. Критиката не се изрекува злонамерно. Зарем некој сака самиот да си го поткопа односот со својот ученик? И тоа кога знае дека доџо-то е симбиоза.

Не другари. Критиката служи да Ве научи како навреме да ги извршувате своите обврски. А една од нив е чистењето на доџо-то.

Да. За жал дури и за ова дојде време да напишам нешто.

Таму каде што се потиме, газиме со боси нозе и чорапи, го лепиме лицето, таму каде што седиме и лежиме – мора да биде чисто. И секој мора да си исчисти. Или кажано народски: „Кој си сере, тој и ќе си чисти“.

И нема што да разговараме на оваа тема. Колку и да се сакаме и почитуваме, ако доцните „на чистење“ или не дојдете, во најмала рака ќе кркате критика. А дали ќе се лутите, воопшто не ме засега. И не ми е гајле дали Вие сте задоцниле поради некоја неверојатна голема обврска или незгода. Не ми е гајле се додека не пријдете и не ми објасните дека таква причина навистина имало. Па јас не сум баба Ванѓа да знам за Вашите проблеми. Како што и јас не се „вадам“ на моите. Јас секогаш ги извршувам обврските на време.

Ако јас не можам да Ве научам барем да си чистите таму каде што валкате, тогаш не сум Ве научил ништо, без разлика колку сте добри во техниката. А, ако, пак, мислите дека Вие чистите повеќе од мене, треба да знаете дека еднаш неделно јас правам генералка на секој предмет по кој што газите и седите во доџо-то. Дезинфекција комплетна. А Вие, фала Богу, не ни знаете за тоа.

Иако, по некое традиционално (Корју) правило, учителот и не треба да чисти, јас сепак се радувам што тоа можам да го сторам (за мене и за Вас).

Затоа другари, лутете си се самите себеси. Лутете си се на Вашата неодговорност или неможност да си го средите животот. Не ми се лутете мене што сакам да обезбедам беспрекорно функционирање на доџо-то. Тоа е моја обврска (Гири). А Ваша обврска е за секоја замерка кон мене да ме известите за да знам како и каде да се поправам (доколку е оправдано). А ако си го „собирате во себе“ и го чувате на срце, тогаш еден ден ќе пукнете и сето ѓубре ќе го истурите наоколу.

Живејте го животот целосно. Не дозволувајте ситници да Ве вадат од такт. Секогаш кога се лутите и ми доаѓате скиснати на час, само го покажувате Вашиот вистински карактер кој цело време сте го прикривале. Дајте да одиме напред. Да се усовршуваме во тоа на кое сме посветени. А секој вистински воин е посветен на ЖИВОТОТ.