Непобедливи

Сите сме различни и со свои карактеристики, но одиме по истиот Пат. И сите имаме иста цел. Како и во секое семејство, понекогаш се соочуваме со мали и големи проблеми, но се обидуваме заеднички да ги препродиме и победиме. Некои од нас се подобри, некои малку полоши, но даваме се од себе да ги надминеме нашите слабости. Понекогаш грешиме, но се трудиме секогаш да простиме.

„Кога ќе те издадат, тоа е исто како да ти ги скршиле двете раце. Можеш да простиш, но не можеш силно да прегрнеш со нив“.

Па така, се додека сме сме верни и искрени едни со други, ќе бидеме непобедливи!

Црн Појас (Куро Оби) со вез

Пред година или две, за време на еден семинар во природа, кохаи Владимир Антовски ми постави прашање во врска со црниот појас, при што начнавме и тема околу везот кој честопати се прави на истиот. Му одговорив дека според моето сфаќање на работите, за да се извезе своето име на црниот појас, потребно е да поминат доста години во тренинг. Во спротивно, тоа може да делува нескромно и фалбаџиски. На крајот додадов, дека можеби ќе го сторам тоа откако ќе „наполнам“ 25 години тренинг во Буџинкан.

Оваа година, на 2 јули, се навршија точно 26 години од мојот прв нинџа тренинг. Тој ден си помислив дека датумот за везење на појасот треба да се пролонгира барем за уште четири години. Да станат 30.

За време на мојот престој во Јапонија, сенсеи Ерик ме однесе во еден Будо Шоп во Нарита, каде што тој со години се снабдува со опрема. Пред да влеземе внатре ми кажа: „сопственикот на дуќанот е многу познат кендо мајстор. Има 7-ми дан и во дуќанот работи со целото свое семејство. Везовите на појасите и на кеико ги-то не ги прават компјутерски како сите останати, туку тој лично ги везе рачно на стара сингер машина. Мислам дека е време да си го навезеш името на појасот, додека се уште го служи видот. Мајсторот е многу стар и треба да ја искористиш оваа прилика за да имаш вез рачно навезен лично од него“.

Морам да признам дека во моментот кога го слушнав ова, скромноста ме напушти и веднаш побарав од мајсторот да ми го навезе личното име на едната, а името на Организацијата на другата страна.

Се уште мислам дека ми е рано за да носам „брендиран“ појас, но желбата да имам рачно везен оби од кендо мајстор ја победи мојата скромност.

И ова е лекција за мене. Ако сакаш, можеш да научиш од секоја животна ситуација. Па дури и кога не си на нивото на кое што еден воин треба да биде.