Нивното време допрва доаѓа

– Како може некои од децата да полагаат за шести кју, а некои од возрасните да полагаат за деветти? Зарем може дете да истепа човек што тежи 90 килограми, ме праша професорката Весна Гершан за време на тренингот во доџото на ИЕА.

Благо се насмевнав и накратко објаснив.

– Звањето воопшто не е мерило за снагата што некој ја поседува. Туку повеќе за неговата посветеност. За време на полагањето ние го оценуваме напредокот во совладувањето на техниките, а воедно и на целокупниот развој на личноста односно дали таа се подобрила како човечко битие воопшто.
Нормално дека десетгодишно детенце со 35 килограми, не може да совлада возрасен човек од 90 килограми, без разлика колку високо звање поседува. Меѓутоа, неговото звање ќе излезе на виделина после десетина години. Дури кога тоа дете физички ќе се развие и оформи, кога ќе биде во цутот на младоста, кога ментално ќе созрее, тогаш неговото знаење ќе излезе на површината. А знаењето е нешто што никој не може да му го одземе. Тоа тлее и расте истовремено со телото и со духот.
Затоа воопшто не е страшно ако дечињата сега поседуваат високо звање. Тие го заслужиле со своето залагање, редовност и со својот напредок при совладувањето на вештините кои ги вежбаме. Нивното време допрва доаѓа. Целиот труд вложен во детството, ќе им се врати како бумеранг веднаш кога ќе влезат во периодот на адолесценцијата. Нивно е само напорно да вежбаат. А моите Воини се потполно свесни за ова што го зборувам и никој нема да замери за таквата ситуација. Напротив, со истите зборови секому би му го објасниле истото. Бидејќи ним им е потполно јасна воинската филозофија.