Преживување

Уште само неколку месеци, па нашата вештина и способност повторно ќе бидат ставени на тест. Се ближи семинарот над семинарите. Врвот!

Неколку совети за тие што ќе се обидат да го победат ова искушение.

  1. Вежбај напорно. Не обрнувај внимание на болката за време на тренинг. Работи со длабоки ставови..
  2. Диши длабоко. Биди смирен. Сталожи го умот. Победи го стравот.
  3. Не пиј вода за време на тренинг. Не мисли на вода.
  4. Победи го своето его. Самите сме творци на сопствената судбина.
  5. Повторувај го често во себе овогодинешното мото на семинарот: „Тука се создават идните водачи“

Со среќа…

Комуникација

Речиси не поминува ден без да се слушнам, пишам или видам (преку видео врска) со мојот учител по Даито рју и Оно ха Итто рју, Антонино Черта.

Постојано се интересира за мојот напредок, не само по вештините што тој ги предава, туку и за деветте школи на Буџинкан. Прашува, сослушува, дава совети, подучува. Одлична комуникација.

Комуникацијата со учителот е многу важна работа. Колку подобро се познавате со него, толку помали се шансите некогаш да дојде до било какво недоразбирање. Освен тоа, ако учителот добро Ве познава, ако го знае патот до Вашето срце, тогаш секогаш ќе знае како да Ви помогне во било која ситуација.

Доколку имате можност да се дружите често со Вашиот учител во доџо, тогаш имате голема среќа. Доколку не, барајте начин како да го правите тоа.

Но најважно од се – разговарајте!

Комуникација.

Победа

Вчера Тина ме праша: сенсеи, зошто секогаш кога се тепаме како луди на тренинг почнуваме да се смееме?

Смеењето е израз на победа. Победа над самите себе. Победа над болката.

Кога ни е убаво се смееме. За време односно по љубовниот чин (оргазмот- сексуалниот однос), се смееме. Кога ја јадеме нашата омилена храна се смееме. Кога ќе ни соопштат дека сме здрави се смееме. Кога сме во добро друштво и се чуствуваме убаво се смееме. Кога сме на нашето омилено место се смееме. Смеењето е секогаш поврзано со убави нешта, со нешта што не прават среќни.

Ако се смеете за време на тренингот, тогаш Вие сте среќни. При сите горенаведени активности во мозокот се случува хемиска реакција при која во телото се испуштаат одредени хормони кои го уништуваат стресот, го намалуваат крвниот притисок и го зголемуваат имунитетот.

Со тек на време станувате зависни од вежбањето, токму поради тие хормони. Но за разлика од зависноста со дрога, алкохол, храна или никотин, кои го разградуваат (убиваат) нашето тело, зависноста од вежбање Ве прави поздрави и помлади. Секако, како што зависниците ги фаќа криза, така после неколку години вежбање, доколку престанете, и Вас може да ве фати криза. Но таа криза се лечи со повторно вежбање кое можете секаде и во секое време да го направите.

Додека се лупате на тренинг, Вие ја победувате болката со смеење. Смеењето Ви станува одбранбен инстинкт. При тоа среќата расте. Модриците брзо поминуваат. Се додека надворешноста (школката) Ви е со модрици и рани, внатрешноста (духот) ќе Ви биде здрав. Па ајде натерајте болен човек да си направи модрици од вежбање? Па тој не може да стане ниту од кревет од болка.

Уживајте во тренингот. Вежбајте внимателно, но уживајте. Се додека се смеете Вие сте победници. Смеењето е одлика на победниците.

А јас сум тука да Ви помогнам околу смеата. Со добри техники, но и со добри џигици, досетки и шеги. Ќе се фалиме еден со друг, ќе се фалиме колективно, ќе се фалиме самите себе.

Ни се може така! Нека пукнат душманите од мака.

Детска игра

Ајде ќе си купиме кинески катани од пазар или од џиџимиџарница, пластични пиштолчиња од тезга, ќе си облечеме црн појас и кимоно и ќе си играме нинџи. Ќе си се фоткаме, ќе си позираме и на крајот фотографиите ќе си ги објавиме на Фејсбук за да можат сите да видат колку сме ние убави. Потоа ќе напишеме неколку писма до инструкторите во Буџинкан, ќе исплукаме, ќе се пожалиме, па ќе си најдеме уште некој како нас што сака да си игра и да се слика, да си плука и да си се жали, ќе му ставиме и J like, и така ќе си станеме уште поголеми нинџи.

Веќе познато сценарио? Позната игра?

Кога ќе се погледнете во огледало, кога ќе ги Видите вашите раце целите во модрици од рамена до прсти, кога ќе ги видите сите рани по Вашите тела и кога ќе се сетите на секој вчерашен тренинг, веднаш ќе се насмеете на „нинџите“ кои „секојдневно“ вежбат со мисла (мислам на нинџутсу=вежбам нинџутсу), кои ги „знаат и ги научиле“ сите кати од видеа и кои „одат“ по „тешкиот пат“. Кога ќе се сетите на сите семинари со најдобрите мајстори, сите преживувања во природа, изгладнети без храна и вода, сите километарски маршеви по македонските планини со раскрвавени и отечени нозе, дури тогаш разбирате каква наивна и детска игра е тоа.
Не се замарајте со „големите нинџи“ драги мои. Не ми праќајте линкови од нив. Смејте се и уживајте во животот. Вежбајте напорно во доџо, крварете, потете се и продолжите да чекорите по потешкиот пат.

Верувајте дека многу од нив длабоко во себе знаат дека ниту самите ништо не разбираат за оваа вештина. Збунети се. Неможат да се сетат кога последен пат почуствувале вистинска болка на тренинг (додуша они вежбат сами по дома   . Кога последен пат заработиле модрица на телото. Кога загубиле здив. Тие знаат дека не знаат под кој агол се поставува блокот Џодан уке во Кото рју. Тие знаат дека ништо не знаат. Освен како да закачат и да купат нов појас или нова диплома за на ѕид.

Разговор

Ќе издвојам три работи кои засекогаш ќе ми останат во сеќавање од разговорот со сенсеи Свенерик во моментите додека седевме во дворот на манастирот Свети Пантелејмон.

-„Јас го сакам Буџинкан како никој и сум лојален кон него како никој, но морам да признам дека Буџинкан е одлично место за криење на лошите Будо мајстори.“

-„Гледам дека твоите ученици имат одлично изградени тела за Будо, а тоа е многу важно. Тоа многу кажува. Без добро тело, нема добро Будо.“

-„Кихон, Кихон, Кихон. Баш како што твоите ученици вежбаа на петочниот тренинг. Напред, назад, напред, назад. Тоа им недостасува на повеќето во Буџинкан“.

Викенд семинар

За неколку часа одам на воздушното пристаниште Александар Македонски во Петровец, да го пречекам Свенчо, мајсториште од големата класа. Тој е роден 1947 година, но се движи толку брзо и вешто, што камера тешко ги регистрира неговите движења.
Два дена ќе не подучува сите. Останатите два дена ќе се обидам да извлечам нешто повеќе од него. Нешто што потоа повторно ќе го споделам со Вас во текот на тренинзите.

Не заборавајте, Вие го претставувате нашето школо, нашата држава и ме претставувате мене. Очекувам да се покажете во најдобро светло.

Ви посакувам убав и борбен викенд.

Стандард

Тие што беа на вчерашниот тренинг, треба веднаш да престанат да го читат овој напис. Тоа што сега го пишувам, за нив е веќе слушната работа.

Една од формулите за успех на Буџинкан Македонија е високо поставениот стандард кој со години наназад љубоморно се негува. Има само еден Пат. Патот кон Сонцето. А тој подразбира движење во само една насока-напред. Нема назад. Нема попуштање. Нема влечење. Успешните и цврстите одат со нас. Одат напред. Другите за жал се откажуваат (се разбира, потоа ние сме секогаш криви за тоа).

Со години ја слушам истата фраза, го добивам истиот совет од тие на кои многу им значам. „Успори. Намали го темпото. Луѓето се замараат. Тренинзите им се напорни. Болни. Ќе си заминат сите. Ќе немаш пари ниту за сала да платиш.“

Искрено, им верувам на моите сакани. Но никогаш нема да го прифатам овој нивни совет. Па чекајте луѓе. Ние имам поставено стандард. Затоа сме Буџинкан Македонија. Затоа опстојуваме со години. Затоа нашите 7 кју работат подобро од многу црни појаси. Тоа е нешто што се гради со макотрпна работа. Нешто што се кали, треби, чисти, за да на крајот остане најдоброто.

„Оваа година на Кото Рју е тешка за луѓето. Некои намалија со редовноста поради тоа“.

Ако, нека намалат. Замислете да падне стандарот поради тоа. Замислете кога ќе дојдат новаците (гуштерите) во клубот и кога ќе го видат квалитетот во нашето доџо. Каква претстава тие ќе имат за нинџутсу ако видат млитави ликови кои доаѓат на тренинг поради тоа само да им помине времето? Потоа од нив ќе очекуваме квалитет? И висок стандард?

Не другари. И да останат на крајот само тројца вежбачи, стандардот нема да се намали. Кај нас буџутсу останува буџутсу. Балетот го оставаме на балетаните. Кој неможе да издржи, нека не доаѓа редовно. Особено тие што кај нас вежбаат поради рекреација, доброто дружење или слично. Но, тие што се мои учи деши, тие имаат само еден Пат. Напред. Во спротивно се знае. Ќе мора да се придружат на плукачите.

На крајот еден совет од „стара кајла“.

Секој вежбач има кризи за време на својата „кариера“. Тие кризи ги почуствувал секој будока и се појавуваат циклично на одреден период. Истите носат слабост, замор, безволност, апатија и многу прашања од типот: зошто го правам ова? имам ли корист од ова? што мајка барам повеќе тука? И слично.

Каде е заебот?

Ќе ви кажам. Тајната е во тоа како да се зголеми периодот помеѓу двете кризи. Тоа се прави со добра мисла. Со разбирање на важноста и придобивките од вежбањето. Со разговор со учителот. Со позитивно забушување, кое подразбира правилен тренинг, но со намален интензитет на болка. Последното значи дека техниката ќе ја изведам со правилни движења, но малку успорено и без големо напрегање. Тоа ќе помине кај секој добар учител. Но никогаш нема да помине изведба на техниката без добар камае, со млитав и спуштен гард, со наведната глава како на опело, со свиткан опаш како да сте пред страшниот суд, со изгубен поглед како да Ви избегале овците, без концентрација, како во глава да Ви се врти некоја песна од претходната вечер во Опатија „жена змија, седи за шанком и пије свој виски са ледом…“.

Овие работи нема да поминат. Особено не кај мене. Се гледаме на паркет.

Љубов

Уште еднаш сакам да Ви се заблагодарам за Вашето вчерашно изненадување кое целосно ме трогна. Вашата љубов кон мене ми дава сила и понатаму да продолжам храбро да чекорам по Патот на Сонцето.

Не сум љубител на срцепарателни реченици и ќе биде клише ако Ви кажам дека Вие сте најдобрите ученици на светот, но Вашиот вчерашен гест ми дава за право да помислам дека нашиот клуб не создава само воини, туку создава луѓе со огромно срце (што е најважно од се).

Ќе ми простите ако си земам за право да помислам дека Вашите постапки ми покажуваат дека мојот однос кон Вас е правилен, а мојот Пат е исправен и праведен.

Одиме понатаму!