Момчешка вечер

Што ти било момчешка вечер. Седат 10 мажи на маса, сите пријатели на идниот младоженец, од тука и од таму, кои што се натпреваруваат кој ќе направи поголема глупост. Кога си кум, а истовремено и најдобар другар на идниот младоженец, не ти преостанува ништо друго освен да седнеш на таа маса и да се обидеш да направиш некоја глупост „ради атмосфера“. Но тешко ти оди.

Ги гледаш Вангел, Џеки и Јордан како го љокаат виното без трунка совест. При тоа го рецитираат „Тетовирање“ и ги повторуваат дешавките од  изминатата младост. Стават ч’чкалица во уста и со неа си го чепкаат носот. Се смееш насила колку да не ја расипеш атмосферата, но повторно тешко ти оди.

Од друга страна Директорот, Андреј и нашиот Зоки ги повторуваат кафеанските фори кои ги изнагледале во текот на изминативе години. Се смееш само на Зоки, бидејќи е твој и го сакаш. Му ги броиш пивата и криво ти е што се навраќа на стариот живот, „макар“ и за миг. Не смееш да му кажеш ништо оти во кафена ти си Роги, а не сенсеи.

Тука се и Жаре и Дизајнерот. Првиот го познавам. Добро му оди виното. Надежен е. Вториот прв пат го гледам , но и тој ќе го биде. Влегува пополека во тој свет. Масла како Масла. „Е ај размисли малку педер, што мислиш зошто жена му на Вангел не му прави проблеми за да оди каде сака. Што мислиш што прави она за тоа време“. И толку. Тоа е доволно од него за цела вечер. Тој кажува и претскажува.

И на крајот Иве. Само тој дреме како мене и едвај чека да се прибере дома. И веднаш да ми каже за тоа. „Баце, глупости се ова. Седиш и дремеш. Место да си спиеш сега“. Знае дека веднаш добива бланко подршка бидејќи тој муобет сме го правеле илјада пати.

Момчешка вечер. Седиш, јадеш, пиеш, правиш глупости. Место да си дома со најблиските, саканата, најмилите. Место да читаш, проучуваш, љубиш и гушкаш. На твојот кревет во твојот дом. Момчешка вечер. Увезена од некоја западна земја. Со домашни примеси од скара и алкохол.

Дремеш така вештачки накезен и се молиш да не ти замери најдобриот другар бидејќи не можеш да се пронајдеш во празниот муобет со неговите другари. На крајот разбираш дека токму и затоа ти е најдобар другар. Затоа што те разбира дека повеќе сакаш да бидеш во доџо-то со учениците отколку во кафената, да пиеш чај наместо пиво, да вежбаш корју наместо да зборуваш, да љубиш наместо да јадеш. Знае дека сега ќе читаше нешто за класичните јапонски боречки вештини додека жена ти ти лежи на стомак и си слатко си дремка.

Момчешка вечер. Извини Ацо. Не се пронајдов. И никогаш нема да се пронајдам. Ќе дадам се од себе да се покажам на свадбата. Тоа ќе биде улогата на мојот живот. Ти ветувам.

п.с. Освоите го срцето на некоја девојка. Прошетајте ја  и направете да се чуствува убаво. Не се затворајте по кафеани. Бидете страствен љубовник, не страствен боем (тоа е пијаница со факултетска диплома).

36

Ми се јави мајка ми на телефон (08.36). „Среќен роденден сине“, ми вели.

„Денес ми е ?“ , ја прашав со неверување.

Повторно заборавив. Исто како и минатата година. Катите на 9-те школи ги паметам. А својот роденден повеќе не.

Интересно, секоја година, се повеќе се трудам да го запаметам денот кога ми е роденден. И никако да успеам.
36. На моменти се фаќам како размислувам за сите тие години. Колку брзо поминаа. Но има нешто друго важно во целата приказна: за ништо во животот не се покајувам. Никого не повредив. Никого не предадов. Можеби има некои ситни детаљи кои би ги изиграл поинаку, но генерално досега се движев по правилниот Пат.

Многу важна лекција. Правете ги работите како што треба во моментот. Сега внимавајте за да во иднина не се покаете. Доколку сега погрешите, во иднина може да биде доцна за да ги исправате работите. Но дури и ако се случило нешто поради кое сега Вие не сте тоа што го посакувате, помирете се со тоа, со зборовите: се е така како што требало да биде.

Разгледајте ги опциите и направете го тоа што реално можете. И секако, секогаш со внимание да не повредите никого. Бидејќи утре можете повторно да се покаете поради тоа. Не очекувајте премногу. Повеќе давајте, помалку барајте. Поставете задачи кои ќе Ви овозможат мирен живот. Поврзан со најблиските. Не ризикувајте ги најблиските поради своите големи апетити. Имајте малку, но бидете среќни. Тоа е подобро отколку да имате многу, а да сте постојано несреќни.
Сега и тука. Сега ја градиме иднината. Се зависи од нас.

Што беше муобетот? Ах да. За роденденот. Ден како и секој друг. Се зависи од нас.

Два света

На вчерашниот тренинг (со Ваша согласност) последната техника ја посветивме на канализирање на нашата енергија. Станува збор за таканареченото Аики Реншу, техника која доаѓа од школата Даито рју Аикиџуџутсу. Придобивките од неа нема никогаш директно да ги забележите, но тие ќе се одразат понатаму на Вашата техника.

Веднаш по завршувањето на техниката ми пријде еден од Вас и ме праша:

-„Сенсеи, се сеќавам дека оваа техника ја вежбавме и во доџо-то во Буњаковец пред некоја година“.

-„Да“, одговорив.

-„Но Вие тогаш немавте доџо за Даито рју, што значи дека сте ја научиле на семинари“.

-„Така е“, одговорив, истовремено чуствувајќи задоволство дека некој „фаќа прибелешки“ за време на мојот тренинг.

-„Зошто тогаш дури сега отворивте доџо за Даито“?, малку подоцна од друг ученик го добив ова прашање после сличната дискусија.

-„Затоа што претходно немав семејство (мислам на Даито рју организацијата). Јас сум цели 22 години дел од Буџинкан. Во него успеав да оформам и свое семејство, но вежбањето Даито рју на семинари не значеше ништо. Сам човек, без семејство, многу потешко може да успее. Затоа чекав да се појави некој што ќе ме прими во неговото. Тоа е многу важно, да припаѓаш некаде, но не било каде.“

Припадност. Важна работа. Не било каде. Уште поважна работа.

Познавам деца кои припаѓаат на семејства во кои не се воопшто среќни. Татко алкохоличар, мајка ороспија. Такво семејство не вреди ништо.

Затоа е важно каде ќе припаднеш. Таму каде што си среќен е најубаво.

Почитувајте го Вашето семејство.

Припадност

На вчерашниот тренинг (со Ваша согласност) последната техника ја посветивме на канализирање на нашата енергија. Станува збор за таканареченото Аики Реншу, техника која доаѓа од школата Даито рју Аикиџуџутсу. Придобивките од неа нема никогаш директно да ги забележите, но тие ќе се одразат понатаму на Вашата техника.

Веднаш по завршувањето на техниката ми пријде еден од Вас и ме праша:

-„Сенсеи, се сеќавам дека оваа техника ја вежбавме и во доџо-то во Буњаковец пред некоја година“.

-„Да“, одговорив.

-„Но Вие тогаш немавте доџо за Даито рју, што значи дека сте ја научиле на семинари“.

-„Така е“, одговорив, истовремено чуствувајќи задоволство дека некој „фаќа прибелешки“ за време на мојот тренинг.

-„Зошто тогаш дури сега отворивте доџо за Даито“?, малку подоцна од друг ученик го добив ова прашање после сличната дискусија.

-„Затоа што претходно немав семејство (мислам на Даито рју организацијата). Јас сум цели 22 години дел од Буџинкан. Во него успеав да оформам и свое семејство, но вежбањето Даито рју на семинари не значеше ништо. Сам човек, без семејство, многу потешко може да успее. Затоа чекав да се појави некој што ќе ме прими во неговото. Тоа е многу важно, да припаѓаш некаде, но не било каде.“

Припадност. Важна работа. Не било каде. Уште поважна работа.

Познавам деца кои припаѓаат на семејства во кои не се воопшто среќни. Татко алкохоличар, мајка ороспија. Такво семејство не вреди ништо.

Затоа е важно каде ќе припаднеш. Таму каде што си среќен е најубаво.

Почитувајте го Вашето семејство.

Смирение

Денес ме фалеше. Следниот ден ме газеше. Денес бев добар, а следниот ден лош. Денес сум јагне, утре ќе сум волк.

Денес се фалам, утре ќе ги газам. Денес бев добар, утре ќе бидам лош. Денес ќе сум јагне, а веќе утре волк.

Не се сомневам во твојот Пат. Ти ме научи така. Така ги учам и јас.

На многумина не им се допаѓа твојот (мојот) начин. Но тие кои го прифаќаат се вивнуваат нагоре кон ѕвездите. Благословени се мирните и кротките. Се сеќавам на се како вчера да беше.

И вечер повторно исто. В миг звер, в миг ангел. Постојана трансформација. Постојан притисок. Газење по нерви. Опушти ги, притисни ги, смачкај ги. Пофали ги, па критикувај ги. Прегрни ги, па излажи ги. Да издржат, да се навикнат, да надраснат.

Смирение.

Јас сум господар на мојот ум. Јас сум господар на моето срце. Јас владеам со Јас. Јас дозволувам, јас забранувам. Моето езеро е мирно. Без ниту еден бран. Јас сум владетел на брановите.

Секогаш смирен. Секогаш помирен. Насмевка и љубов во секое време. Те следев, не зажалив. Те слушав, се надградив. Од многумина неразбран, од малкумина славен. Но малкумината се посебни. Чекорат храбро по Патот. Како и јас пред многу години. Во нив е иднината.

И понатаму чекорам храбро…

(Со љубов кон Големиот Учител Љ.П.)

Реи Хо

„Реиги накушите џотатсу наши“ односно „Ако заборавите на однесувањето, никогаш нема да достигнете високо ниво“

Осу!

Осу

Осу

Како и за другите јапонски термини поврзани со боречките вештини, така и за „Осу“ е многу тешко да се даде едноставно објаснување.

Осу се пишува со две канџи. Првиот е „Оши“ и означува „притисок“, додека вториот се чита како „Шинобу(и)“ или „Нин“ и е доста добро познат на сите нас. Неговото значење е издржливост (истрајност, упорност).

Комбинацијата од овие два го дава финалното значење. Да го издржиш притисокот до крајните граници (наметнат од тренинг, тешките моменти и ситуации и сл.)

Кога се употребува? Најпрвин кога сакаш да изразиш почит кон некого (неговата вештина, техника, знаење), потоа кога сакаш да се заблагодариш за наученото. Исто така, се употребува место поздрав или, пак, ако противникот направил добра техника врз тебе и сакаш да му го посочиш тоа. Секогаш кога телото ти е претепано и преморено и сака да застане (престане), но умот се уште притиска и вели „можеш“ – тоа е Осу. Кога си згрешил некому и сакаш да се извиниш или да се покориш кон него – тоа е Осу. (Последново одразува висок степен на самосвесност, благородност, смиреност и возвишение)

Осу многу полесно се чуствува отколку што се објаснува.

Се гледаме на паркет.

Осу !

п.с. Во јапонскиот јазик самогласките се „голтат“ при изговорот така што е многу тешко за нејапонците да го изговорат овој збор правилно.