Последниве недели сведоци сме на невидено насилство помеѓу средношколците во нашите училишта. Вестите се преплавени со информации за тепачки со ножеви и метални шипки, а експертите дават празни совети за тоа како за целата оваа ситуација се криви родителите, медиумите, општеството итн.
Сите тие поуки и совети, сите експертизи ни се одамна познати, но никој ништо не презема за да се подобри сигурноста на нашите деца.
Како може филозофијата на кобудо (класичните јапонски борбени вештини) да помогне во ваквата ситуација?
Се сеќавам кога јас бев дете, тепачките во училиштата исто така беа чести. Но тоа што ги разликуваше од денешниве беше таканареченото фер тепање (ферка) каде што силата и вештината се мереше еден на еден, а употребата на било какво оружје беше строго забранета по некое непишано правило (исклучоци имало и секогаш ќе има). Овие борби најчесто завршуваа со пријателство без желба за понатамошна одмазда.
Денес ситуацијата е различна. Нашите деца се се помалку на улица, а се повеќе пред компјутер или пред телевизор. Филмовите кои се емитуваат ги величаат криминалците и најчесто ги претставуваат како симпатични ликови кои животот ги натерал да го прават тоа што го прават. Игриците за компјутер изобилуваат со насилство и крв. Децата се отуѓуваат едни од други, желбата за да се биде подобар од другите ги прави премногу амбициозни, а со тоа емоциите затапуваат и не се бират средства за да се успее или да се биде подобар од другите.
Многу од овие работи можат да се надминат со вежбање на кобудо. Зошто кобудо?
Во класичните боречки вештини не постои натпреварување меѓу вежбачите. Со тоа не се потикнува желбата за успех и не се потхранува амбициозноста која што толку често знае да предизвика емоционални, па дури и ментални проблеми кај луѓето. Во традиционалното доџо (место за вежбање / усовршување) се учи на почит кон постарите, се потикнува пружањето помош на послабите, а со тоа се зголемува хуманоста и љубовта кон сите околу нас.
Во традиционалното доџо болката за време на тренингот е постојано присутна. Така, луѓето кои вежбаат кобудо знаат што значи нанесување болка и какви можат да бидат последиците од нејзиното неконтролирано аплицирање. Како што порано, за време на „ферката“, знаевме зошто не смееме да употребуваме оружје, бидејќи имавме почуствувано што значи болка и без оружје (а камоли со оружје). Со самото тоа, при евентуална борба, Вие внимавате на Вашиот противник бидејќи знаете што можете да му направите доколку не се контролирате.
Од друга страна, децата кои растаат во виртуелниот свет на телевизијата, видео игрите, Фејсбук-от, немаат никогаш почуствувано што значи да удриш, да бидеш удрен односно некој да ти нанесе физичка болка. Поради тоа, кога ќе настапат емоционалните проблеми, посегнуваат по нож или метална шипка и без многу размислување удираат на најранливите места. Главниот лик во филмовите никогаш не покажува болка, како ниту јунаците од видео игрите.
Фрустрацијата се лекува. Но не со совети кои функционираат само на хартија. Нема полесно од тоа да се даде добар совет. Википедија е преполна со добри совети. Праксата е таа што помага. Примената на советите дава резултати.
Сакате да бидете здрави и ментално и физички? Сакате Вашето дете да биде здрава индивидуа спремна да оддолее да искушенијата кои ги носи новото време?
Однесете го во најблиското доџо. Таму ќе почуствува болка и ќе почне да ја почитува. Ќе престане да ја нанесува на другите. Ќе ја остави негативната енергија на паркетот каде што се вежба. Ќе се врати дома свеж и полн со добри мисли.