Неподготвеност !?

Викендов се работеше главно на производството на еколошка храна во бавчата, како и на подготовка (поправање, чистење и сл.) на оружјето наменето за подучување за време на Летниот Нинџа Камп.
Двата дневни тренинзи беа искористени за кенџутсу.
********************************************************
Во еден момент ја повикав семпаи и и го подадов фукуро бокенот. Клекнав пред неа свртен со грбот и и кажав да ме нападне кога ќе посака, со сета сила и ненадејно. Во три обида, три пати ме удри по глава.
Бев тотално смирен и не почуствував ништо. Никаква „виша сила“ односно „невидлива рака“ која што требаше да ме повлече во страна. Тоа впрочем е и единственото нешто што очекував да го почуствувам, со оглед на тоа што никогаш и со никого не сум разговарал на тема сакки тест (бидејќи сум немал желба за тоа). Ниту пак некогаш сум вежбал некакви специјални вежби за „тест за годан“. Единствено сум слушал кога другите зборувале за тоа, дека споменуваат „виши ниво“, „виша сила“, „невидлива рака“, „божествена енергија“ и слично.
*********************************************************

Енергијата ми е позната материја и мојата верба во неа и те како е голема (за разлика од „виши ниво“). По кратко размислување се запрашав дали е можно да го почуствувам нападот изведен од жената која што толку многу ја сакам?
Се надевам дека кога ќе дојде време за мојот сакки, извршителот ќе биде доволно мотивиран за напад, во спротивно ќе морам да чекам уште неколку години, затоа што си ветив уште одамна дека или ќе го положам од прва или ќе чекам три години до следниот обид. Не сакам како што денес се случува, да се обидувам три пати во два дена. А сакам тој што ќе нападне да удри машки и како што треба. А јас за секој случај ќе го испровоцирам како што пред три години го испровоцирав почитуваниот Папа сан, кога пред полагањето му реков дека сакам да ме напаѓа со вистински меч затоа што сум сигурен дека како од шега ќе го избегнам дрвениот.
Провокацијата беше успешна и си го добив по главата. Овој пат се надевам дека ќе направам уште подобра мотивација.

Слобода на избор

Наслушнав дека двајца наши ученици малку ми замериле што семинарот за кенџутсу сум го закажал во викендот што се совпаѓа со изборите за членови на парламентот.
Прво, денот случајно се совпадна, од причина што сите други викенди ми се однапред закажани со обврски поврзани со вештината и клубот. Второ, семинарот не е обврзен (како и секогаш), туку се одржува само поради учениците од нашето доџо кои имат желба за побрз напредок. Трето, тие што сакат да гласат, слободно можат да си го направат тоа. Доколку некој се плаши дека „неговата“ партија ќе загуби поради нашиот семинар, воопшто не треба да му ја мисли на тоа. Претпоставувам дека од луѓето што ќе дојдат на семинарот, има симпатизери од сите партии, така што сите ќе бидат подеднакво „оштетени“.
По не знам кој пат сакам да нагласам дека Буџинкан Македонија и јас како нејзин водач, воопшто не сме политички определени ниту пак некогаш ќе бидеме. Тоа што јавно сум го кажувал, а ќе го кажам и сега, е дека Буџинкан Македонија (и јас) е патриотски настроена невладина организација и во тој дух ги воспитува сите наши членови. Но таквата определба воопшто не значи врзување за било која партија. Моето искрено мислење е дека најголем дел од политичарите се себични серковци кои мислат повеќе на својот џеб одколку на среќата на македонскиот народ.
Политика воопшто не ме интересира. А ако некој мисли дека правам штета на државата затоа што на денот на изборите ќе одам да вежбам, а воедно и да ги подучувам моите ученици како да ја одбранат својата држава доколку е тоа потребно, тогаш проблемот е кај него.
За мојот патриотизам и љубов кон државата воопшто не сакам да зборувам. Затоа што имам еден принцип кој го почитувам. За патриотизам зборувам само со луѓе кои имат три деца како мене. Нема поголем чин на патриотизам од тоа да се откажете од сите задоволства, од сите удобности за да можете да подигнете здраво и бројно семејство. Секое дрндање на таа тема е непотребна. Вистинскиот патриот се докажува на дела, не на зборови во кафеана или на улица. Впрочем, тие што ме познават подобро, свесни се за моите дела направени за Македонија.
Сите имаме право на избор. Сите сме слободни да го правиме тоа што го сакаме. Секој од нас различно може да ја толкува слободата. Еден од ретките луѓе кои го напуштиле нашиот клуб со плукање (од 1995 до 2010 имало само 3-ца такви) веднаш по предавничкиот чин напиша на ФБ: „слобода“. Истиот тој трчаше по партиските каравани со сендвич во рака за да го вработат. И го вработија. Но ќе мора да трча и понатаму.
Според  мене, слободните луѓе можат да изберат без страв од последици. Без проблеми по работата, проблеми со родителите, проблеми со блиските. Јас сум слободен. Никому не должам. Ниту на работа, ниту во Буџинкан. Затоа можам секому да кажам НЕ. И можам секогаш слободно да изберам. А мојот избор секогаш ќе биде тренинг. Тренинг со моите најблиски. Тренинг со учениците кои незимерно ги сакам. Тренинг со тие што се слободни како мене и можат слободно да изберат без страв.

Тоа е вистинска слобода!

п.с. Знам дека замерката од двајцата членови воопшто не е сериозна. Но, доколку некој сериозно се налути поради совпаѓањето на семинарот и изборите, му посакувам пријатен ден покрај телевизорот и да се изнаслуша на А1 за тоа колку е Ѕинго, а на Сител за тоа колку Велија е лош. И тоа е избор! Да немаш избор!

Сокаку Такеда

За време на камповите, семинарите во природа, тренинзите, многу пати сум Ви зборувал за работи поврзани со овој легендарен мајстор познат како „последниот самурај“.
Денес ќе Ви напишам за дел од неговата обука односно за школите кои ги изучувал во желба да се усоврши во традиционалниот начин на борба.

-од татко му Сокичи Такеда научил Сумо, Кенџутсу, Боџутсу и Хозоин Такеда рју Соџутсу (копје)

-од Таномо Саиго научил Ошики Учи (Даито рју Аикиџуџутсу / соке / хомбу чо)

-од Тома Шибуја научил Оно ха Итто рју Кенџутсу (менкјо каиден)

-од Сакакибара Кенкичи научил Џики Шинкаге рју Кенџутсу (менкјо каиден)

-од Шунзо Момонои научил Кјошин Меичи рју Кенџутсу / Иаиџутсу

-од Сакаи Кумамото научил Соџутсу (копје)

-преку некој јамабуши (планински аскет, за кој нема податоци за неговото име-што е доста интересно ако се земат вештините што ги научил) ги совладал вештините на шурикен, таихенџутсу и езотеричен будизам како и 18-те основни вештини Бугеи Џуххапан

-преку спаринзи и тренинзи со најдобрите карате мајстори од Окинава усовршил некои методи на удирање, блокирање и зацврстување на ударните површини. Станува збор за стари карате стилови (Наха те) со големо влијание од кинескиот Ву Шу од јужните провинции).

Каков ѕвер

Кахеи Матсубара

Откако добил менкјо каиден за школата Коншин рју, одлучил да изучи уште една вештина, со цел да ја надополни празнината за употреба на оружје во споменатата школа.
Ја одбрал Кукишин рју и станал ученик на Такаматсу. Добил менкјо каиден за истата.

Невидливост

(Пред некоја година) се враќавме од семинар од Будва, преку Албанија, кога околу 03.00 часот после полноќ „во средината на никаде“ гумата на автомобилот пукна.
Пустелија. Никаде жива душа. Возачот на комбето почна да ги стопира ретките возила, но никој не сакаше да застане. Кој нормален ќе ја сопре колата знаејќи ги приказните за друмските разбојништва во земјата?
После 45 минути застана возило од спротивната страна на коловозот. Застана без никој да го сопре. Луѓето седее внатре и не излегуваа неколку минути. Потоа се упатија кон нас со батериски лампи. На албански јазик почнаа да прашуваат кои сме и од каде сме, истовремено светејќи со лампата во нашите очи. Кога го слушнаа зборот Македонија, иронично прашаа: Грција?
Во моментот кога се доближуваа до нас, сите ученици од клубот се одзваа на нивниот повик и се наредија околу нив. Беа толку близу, да со еден замав со батериската лапма можеа да бидат покосени неколку души истовремено. Неискуство.
Застанав на крајот, подзакриен зад вратата на нашето комбе. Ги извлеков шурикените од задниот џеб на фармерките и ја набљудував ситуацијата. Бев во заншин.
Не ми беше грижа дали некој ќе помисли дека се плашам, па затоа стојам на страна. Се плашев луѓето кои не осветлуваа со батеријата и не распрашуваа, да не преземат нешто лошо. Бидејќи прво што забележав беа рачките од пиштолите кои се познаваа и ѕиркаа под нивните палта. За среќа се испостави дека се полицајци цо цивил, кои ни помогнаа на крајот.
Влеговме во нашето комбе и го продолживме патот за Македонија со залепена гума. По еден час Елена Ангеловска ме праша:
-Што ти беше тоа што го држеше во раката, додека стоеше позади вратата на комбето?
Бев изненаден. Мислев дека никој не го забележи тоа. Вештината на нинџите подразбира да бидеш невидлив за околината, а мислев дека јас тоа добро сум го совладал.
-Ме виде? Ја прашав.
-Да, одговори потврдно и додаде дека забележила кога сум извадил нешто од џебот.
Тоа го сфатив како знак и потврда дека Патот пред мене е се уште долг. Имам се уште за пешачење. Трњата не ми пречат. Нека бодат колку сакат. Јас ќе чекорам низ нив.  И ќе бидам во Заншин!

Дисциплина

Шикин Харамитсу Даикомјо!!!
Во моментот кога ја изговарам оваа тајна нинџа молитва, чуствувам како телото се полни со енергија.
Онегаи Шимас!!!
Во овој момент само еден збор ми се врти во глава. (Само)дисциплина.
Станувам и почнувам со загревање. Трчам и си повторувам во себе: ДИСЦИПЛИНА!
Почнува Џунан Таисо. Никогаш во главата не ми се свртела мисла во стилот: „ех, сега пак исто, тоа па тоа“.
Нема место за вакви мисли. Умот е мирно езеро, а во потсвеста се врти еден збор: ДИСЦИПЛИНА!
Уживам во трчањето секој тренинг, уживам во повторувањето на Џунан Таисо. Знам дека тие ми дават виталност и дека ме подготвуваат за тренингот. И знам дека ми го дават најважното што му е потребно на секој воин (и на секое живо суштество): ДИСЦИПЛИНА!
Обидете се вечер да ја пробате на дело мојата тајна. Ако еднаш ја совладате, никогаш ништо нема да Ве спречи да успеете во намерите.

Се што Ви треба е: ДИСЦИПЛИНА!

Булшит!

Сите ние треба да се грижиме за нашиот мајчин македонски јазик. Некои помалку, а некои повеќе. Јавните личности кои се појавуваат на медиумите (новинари, музичари, политичари) се тие кои треба да се грижат повеќе, а ние кои сме консументи на нивната работа имаме помала обврска за тоа.

Многупати за време на тренингот или при пишувањето на написи за блогот, кога нешто сакам да потенцирам, користам дијалект или жаргон. Не дека нема замена за зборот, но силата или духовитоста на мислата, некојпат се зголемува баш преку таков неформален пристап кој секојдневно е присутен во нашите животи. Тоа не значи негрижа за зборот македонски, туку понекогаш служи токму за збогатување на истиот преку користење на соодветна пародична замена.
Еден од зборовите што го користам е Булшит или како што јас несмасно го преведувам – срање. Со него ги потенцирам односно критикувам и пародизирам мислите искажани од големите мајстори на Буџинкан, а поврзани со „небесната сила односно ‘виши ниво‘ енергије“ (обичните смртници никогаш нема да ја разберат поради тоа што не биле во Јапонија и со самото тоа не биле допрени од милоста на соке Хатсуми.)

Ај не кажи сега БУЛШИТ!

Нинџа во мисија

Зборувавме за појасот (оби). Забележете ја ширината и претпоставете колку поцврсто го држи мечот. И колку потешко се олабавува. Горниот дел е класична облека за тоа време. Должината на сукњата се подесува според потребата.
Значи нема класично кимоно (ги) со панталони и со смешна маска која што се навлекува на главата.

Масахару (Масаџи) Кимура

Бил сосед на сенсеи Такаматсу и вежбал со него речиси секој ден.
Починал на 100-годишна возраст (во 2000 година).
Специјалност: Хонтаи Такаги Јошин рју и Кукишин рју (менкјо каиден)