Тато, што е тоа лојалност?

Ме праша Косара и седна пред мене очекувајќи да и објаснам. Неколку секунди ќутев, прашувајќи се себе си како да му објаснам на седумгодишно дете што е тоа лојалност. Потоа прозборев:

-Лојалност значи да бидеш подготвен да го дадеш животот за некого. Да му простиш кога греши, а потоа строго да му ја посочиш грешката. Да застанеш на негова страна кога е потребно, дури и ако не е во право, но потоа да му објасниш каде греши и да побараш да се извини доколку е потребно.

Да бидеш верен, значи да правиш некому добрина, без да се обидеш да му го кажеш или покажеш тоа. Верноста значи да не очекуваш возвраќање за помошта, туку да се радуваш што си се нашол некому во невоља. Лојалност е да не заборавиш кога некој ризикувал за тебе, да паметиш кога некој се жртвувал за тебе, да застанеш до него кога е потребно, да не потклекнеш при некоја уцена и да не завртиш грб кога е има опасност.
Лојалност е категорија за која што порано се гинело, се раѓале јунаци, за која се пишувале песни и се создавале легенди.

За жал, многу од твојата генерација најверојатно никогаш нема да го разберат значењето на зборот. Ти си моја крв и лојалноста треба да ти биде најважна во животот.
Ме разбра?
-Тато нешто разбрав, нешто не.
-Јас во овој момент сум спремен да го дадам животот за тебе без воопшто да размислувам. Ако не ти помогнам кога најмногу ти требам, подобро веднаш да умрам. Сега ме разбра?

-Да Тато, одговори Косара и почна да плаче.

————————————————————

Ова се тешки лекции, особено за мали деца.

Но најважните лекции се учат додека си дете!

Од поштенското сандаче

Сенсеи,
се извинувам што ќе ви одземам малку време, но морав да ви напишам неколку збора и да ги споделам моите впечатоци.
Сакам да ви се заблагодарам уште еднаш за вчерашниот час за Даито Рју и за тренингот потоа. Даито рју навистина ми се допадна и бев импресионирана од умешноста на самураите да состават техника која перфектно ќе функционира и во најнеповолна ситуација. Бев изненадена и од тоа колку внимание се обрнува на секој детал и секоја ситница, кои мене како почетник ми изгледаа небитни, само за да сфатам дека
токму деталите ја доведуваат техниката до совршенство. Особено ми беше интересно тоа што секоја ката си има киаи. Останав со подзината уста кога слушнав за обемноста на школата и за бројот на катите, што добив впечаток дека на Даито Рју е вештина на која можеш да му го посветиш целиот живот и пак да не стигнеш да ја совладаш во целост,
ниту пак да ги откриеш сите нејзини тајни, мистична како и епохата од која потекнува.
Сметам дека зад Даито рју има една неверојатна историја и традиција на која само можам да гледам со восхит и пред која се поклонувам.

Морам уште да го спомнам и вчерашниот тренинг, си поминав прекрасно. Има нешто необично во таасала, некоја неверојатна енергија или можеби не е до местото, можеби е до луѓето.
Морам да признаам дека кога ми предложивте да останам и на тренинг, прифатив со малку страв, мислејќи дека нема шанси да издржам до крај со напорниот тренинг. Но некако успеав, не можев да сфатам како најдов сила да го издржам тоа џунан ундо кога само пред неколку месеци ми беше мачно да ги искачувам скалите до дома. Навистина им должам многу на моите инструкори – вашите ученици.

Сенсеи, јас вака можам да си пишувам цел ден, но мислам дека ви одземав доволно време.

Ви испраќам поздрави и ви посакувам пријатен ден.

п.с. Повеќе на Форум.