„Проблемите се големи, кога ние сме мали“

Текстот е преземен од Форум-от и без никакви интервенции е објавен на блогот. Автор е кохаи Сања Симонова. Нејзината способност да учи, далеку го надминува нејзиното звање.

——————————————————————————————————-

Колку и да бришеме, кога 32 ножиња ќе остават свој отпечаток, ламинатот брзо се валка. Па и откако се расфрлавме и испотивме, многу брзо стана лизгаво. Прозорците се замаглија, бетонот се ронеше и го вдишувавме. Коментиравме дека е чудно малку за вежбање, а?!
Ќе се тркаламе ли на тврдо? Ќе ни биде ли ладно без чорапи? Црни стапала, а? Одма се почувствува разлика „на кој му е прв пат“ на тврдо. Оние кои со овој тренинг се потсетија на порано, беа поостри, поотсечни, потивки и многу соодветно ја испочитуваа мазната контактна површина. А некои, после секое седнување долу, ја тресеа прашината од себе, пазеа каде ќе згазнат. Имаше многу залутани погледи накај местото каде што порано стоеше часовникот…

Епа другари, мислам дека прекрасните услови кои ги имаме во доџо малку не направиле свилени. На секој изминат тренинг, до вчерашниот, сме имале хигиена, приватност, осветлување, ма СЕ што ни требало на вискоко ниво, а вчера, малку разлика и одма сомнителни лица. Јас верувам дека кога вака би имале 3 тренинга по ред, 4-тиот веќе нема да го забележуваме опкружувањето. Ова беше убава проверка за тоа како го гледаме светот околу нас, како рефлексија на светот во нас.

Не сакам никој да ми замери за искреноста, поентата ми беше дека сме одвугнале. Проблемите се големи, кога ние сме мали, кога ние ќе „по(над)раснеме“, проблемите се смалуваат. Јас сум бескрајно благодарана што после ваков подвиг на реновирање, ќе имаме прекрасно доџо, а до тогаш, колку и да трае процесот, ние треба да си ја носиме сликата од „реновираното“ доџо во мислите, кога ќе влеземе – да го видиме тоа што си го визуелизираме. И да си ја задржиме слогата, оти кај што има слога, има и Бога!

Ве поздравувам сите и ви посакувам убаво попладне!

Патот до успехот

Пред 20 и кусур години, од еден професор по физичко воспитување добив една листа со спортови и активности кои најмногу влијаат врз правилниот развој на телото, на развојот на силата, издржливоста и држењето на самиот скелет. Бев изненаден кога видов дека на прво место е балетот, на второ е гимнастиката и на трето се боречките вештини. Сите други спортови кои ги познаваме од телевизиските екрани, беа далеку под овие три дисциплини.

———————————————————————-

Кога се соочив со фактот, дека можностите за одржување на тренинзи во детската група се сведуваат на само два часа неделно, а сакајќи моите ќерки да добијат врвно ниво на физичка активност, без размислување се одлучив да ги запишам и на балет. Листата добиена од професорот Перо никогаш не ми исчезна од глава.

———————————————————————–

Вчера, во 20.45 часот, требаше да завршат часовите по балет, кои Косара и Ксенија ги посетуваат секој понеделник и среда. Меѓутоа, Учителката Катерина упорно ги тераше децата да го повторуваат последниот дел од „Лебедово Езеро“. Околу 21.10 таа го отвори прозорецот од училницата за да влезе малку свеж воздух, при што имав можност во следните десетина минути да уживам во нејзиното подучување. Истовремено се гордеев со моите ќерки, кои иако се најмали во групата, ниту еднаш за застанаа при вежбањето на кореографијата. Толку упорно работеа, што веднаш ми стана јасно зошто Ксенија ја добила главната улога во преставата, која што наскоро ќе се одржи во некој од театрите во градот.

Учителката Катерина упорно танцуваше меѓу нив, ги бодреше кога треба, но и жестоко ги критикуваше кога дечињата ќе згрешеа во чекорите. Во 21.20 конечно го заврши часот. Додека децата излегуваа кон соблекувалната, таа излезе на прозорецот да земе неколку здива.

-Извините, ги задржав малку, ми рече.

-Воопшто нема проблем, одговорив, единствениот начин да се постигне успех е преку напорен тренинг се додека телото не ги запамети сите движења.

-Вас ви е лесно да го разберете тоа, бидејќи и вие се занимавате со слична професија, додаде таа, но некои родители постојано се бунат зошто многу сум ги задржувала децата.

-Само Вие работете си ја работата како што треба, а еден ден сите ќе Ви бидат благодарни кога ќе ја разберат Вашата улога во развојот на своите најмили, го завршив разговорот.

По ова, Учителката го избриша челото со пешкирче и седна на земјата. Со рацете ги собу балетските патики и почна да го вади памукот насобран помеѓу прстите на стопалата. Во истиот миг погледот ми падна и ми застана на нејзините прсти оковани со плускавци, рани и лузни. И дури тогаш ја разбрав целата таа жртва и сиот напор кој се криел зад успешноста и уште повеќе зад надворешната убавина на Катерина. Сето тоа е постигнато со многу труд и откажување.

Веднаш се сетив на еден разговор со еден голем учител кој бил прашан од страна на својот ученик:

-Колку време учителе е потребно на еден просечен ученик за да стане мајстор?

-Просечните ученици никогаш нема да станат мајстори, одговорил Учителот.