Релативитет

За да можам да одам на семинарот во Италија со Такеши Сасамори (Соке на Оно ха Итто рју), морав да ја продадам мојата катана за Катори Шинто рју. А за тие пари што ќе ги потрошам таму, ќе можев да одам на одмор каде што сакам и ќе си останев со катаната и без долгови за враќање.

Сепак, катаната не можеше да најде подобар сопственик од шидоши хо Марко.

Да не ја купеше Марко катаната, ќе можеше да оди каде што сака на викенд со својата девојка и сигурно ќе си поминеше фантастично. Но тој направи избор да седи дома и да има одличен меч со кој што ќе може уште повеќе да вежба и да ја усовршува својата вештина во кенџутсу.

Моментов во кој ја донесов одлуката да останам без катана и да одам на семинар во Италија е многу неповолен. Оваа година веќе направив неколку патувања во странство, нормално со цел да ги изучувам класичните боречки вештини, а веќе организирав и два меѓународни семинари кои доста ме чинеа. Но сепак, ниту во еден момент не помислив на можноста дека треба да застанам и да се смирам. Кобудото е дел од мојот живот и едноставно не можам без него.

А секогаш е тоа така. Ако направев ова, ќе беше она. Ако направев она, ќе беше ова. Тоа е релативитет* во животот и секое размислување на таа тема води во бесконечност.

Затоа, денес без размислување купив авио билет за Анкона.

И повторно се препуштам во рацете на судбината. И повторно се откажувам од сите земни задоволства за да можам да ги остварам моите високи цели и идеали поврзани со класичните јапонски боречки вештини. И повторно продолжувам со мојот здодевен живот во кој усовршувањето е најголемото задоволство. Истиот тој здодевен живот кој ми помогна да „прошетам“ низ речиси половина земји во светот трагајќи по најдобрите кобудо учители. Но здодевноста и приоритетите се исто така дел од релативитетот, зарем не?

* Стави ја раката само една минута на загреана рингла и ќе ти си чини дека си ја држел на неа со саати. Разговарај со убава девојка со саати и ќе ти се чини дека тоа траело само една минута. Тоа е релативитет.

Шидоши хо Марко за семинарот со Сенсеи Ерик

„Се повеќе сум убеден дека Катори Шинто рју ќе стане школа во која ќе се заљубат многу луѓе од нашето доџо, а особено ако присуствуваат барем на еден семинар со Сенсеи Ерик. Тоа е доживување кое не е достојно да се опише со зборови.

Морам да започнам со тоа, каков третман имаше Сенсеи Ерик од нашиот Сенсеи и да кажам дека конекцијата УЧИТЕЛ – УЧЕНИК ме импресионираше уште повеќе и верувам дека многу сегашни и поранешни членови можеби никогаш нема да го разберат ова. Случајно или не, знам колку Сенсеи вложува во секој семинар поединечно и знам дека овие настани не му преставуваат обврска или потешкотија, туку чест и задоволство.

Целиот викенд беше прекрасен, почнувајќи од дружењето, тренинзите, вечерите во Визијана, па се до капењето кај Здравкин Камен, новиот дрвен мост на кој ќе лежиме за време на кампот, прекрасната прошетка низ Кратово – град кој до крајот на мојот живот ќе ми остане врежан во срцето и кој никогаш повеќе нема да биде обичен македонски град. Ќе ги запаметам и вежбањето без струја, вежбањето надвор пред доџо-то, прошетките до црквата на ридот,
вицевите на Влатче, насмевката на Таки, „принцот“ Даре, спиењето во Хомбу, ручекот на тетка Ленче, бамбусите високи 2-3 метри, новите hi-tech тоалети, церемонијата за чај и што ли уште не.

Иако сакав да запишувам додека подучува Сенсеи Ерик, не се охрабрив да го прашам Сенсеи дали може да се фаќаат забелешки, па утредента дома запишав тоа што запомнив.
Овој пат со Сенсеи имавме голем „улов“. Да речам „тежок дивеч“. Нови три кати со Бо и сега знаеме вкупно четири. Катите се како од филм. Прекрасни, неверојатни и некако магични. Аптетите пораснаа до врв, а желбата и мотивацијата немаат граница. Со нетрпение го очекувам утрешниот тренинг, на кој ќе нема време за одмор ниту секунда.
Ме радува фактот што се покажува интерес од Буџинкан Македонија и за останатите наши две школи, Даито и Катори. Ме радува фактот што Даре отсекогаш, дури и кога невежбал, давал целосна подршка на клубот и бил лојален, а и понатаму е наш член преку секцијата за Катори. Потоа ќе го споменам Влатче, кој веќе се навикнав да го гледам до мене на сите позначајни настани, семинари и активности. Таки, кој многу млад успеа да види и да извежба (јас на 19 год почнав да вежбам), а истото важи и за Мони. Тука е и Панче, за кој би сакал да продолжи да доаѓа колку што може почесто, со оглед на незгодното работно време.

За Сенсеи Ерик нема што да се зборува. Треба да се види и да се слушне. Романците се покажаа многу коректни и фини, а семпаи-те од Холандија исто така. Знам дека ќе им се доаѓа и понатаму и знам дека секаде ќе зборуваат само најдобро.

Сега не очекува многу работа, а здравје Боже во Турција ќе ги завршиме катите со Бо и тоа со Сенсеи Отаке.

п.с. Тие што планирале да дојдат на овој семинар, а не успеале – верувајте ќе СЕ КАЕТЕ МНОГУ!!!

Уште нешто, Благодарност до Сенсеи за уживањето што ни го долови!