Од другата страна

Секогаш кога ќе им кажам на моите ученици дека треба да размислуваат поинаку од „обичните смртници“, најпрвин добивам „блед“ поглед кој јасно зборува дека не ме разбрале најдобро, што точно сакам да им кажам.

Исто така, честопати го користам изразот „погледнете и од другата страна“. За жал, малкумина го прават тоа, иако ме уверуваат дека целосно го разбрале неговото значење.

Сите знаете дека Таки најде работа како келнер, со цел да собере пари и да учествува на Летниот Корју Камп. Така, тој цели два месеци работи по цел ден за мизерна дневница од 200-300 денари, само за да може да учествува на овој навистина неверојатен настан што повеќето од нас го чекат во текот на целата година. Се откажа од многу работи, па дури и од редовните тренинзи, само за да може да ја постигне својата зацртана цел.
И што мислите Вие, мене толку многу ми беше тешко да го ослободам од таксата за камп и да го спасам од деноноќната тешка работа во кафеаната?

Сигурно знаете и дека некои од нашите членови срдечно помагаат во подучувањето на почетниците. Доаѓаат еднаш или двапати неделно и ги предаваат основите на тие кои само што зачекориле по Патот. И сигурен сум дека честопати добиваат совети од своите најблиски од типот: „каде му помагате и му водите тренинзи, па барем да Ви го плати патот до таму или да Ве ослободи од членарината“. Јас знам дека таквите совети честопати го внесуваат црвот на сомнежот длабоко во душата.
И што мислите Вие, мене ми е тешко да ги ослободам од месечната членарина или да им ги платам патните трошоци на моите помошници?

Има и една група која што несебично ми помага околу изработката на материјалите кои допринесуваат за подобра презентација и популаризација на работата во нашето доџо. Тоа се оние кои ги одржуваат и изработуваат веб-страниците, постерите и флаерите. И тие работат доброволно и редовно си плаќаат месечна членарина за вежбање во доџо-то.
И што мислите Вие, мене ми е тешко да ги ослободам од месечната членарина или да им ги платам нивните услуги?

Моите воини треба да научат да размислуваат ПОИНАКУ.

Јас можам да го ослободам Таки од плаќањето на таксата за учество на кампот. Одамна знаев дека ќе имам доволно учесници кои ќе ги покријат трошоците за организирањето, а останатите пари кои беа предвидени за исплата на татамите во доџо-то (да другари, се уште не се исплатени ниту половината), можам да ги скратам толку – колку да Таки не мора да работи по цел ден во смрдливата кафеана. И што сум постигнал со тоа? Јас ќе Ви кажам. Сум ја уништил можноста Таки да дознае колку тешко се заработуваат парите кои толку многу ни се неопходни. Сум ја уништил можноста да разбере колку му е важно школувањето, бидејќи во спротивно цел живот ќе работи за 200-300 денари дневница. Сум ја уништил можноста да сфати дека животот е тежок и дека мораме сами да се избориме за нашата подобра иднина.

Што е со членовите кои ги подучуваат помладите, но и со оние кои ми помагаат на било каков начин. И нив можам да ги „ослободам“ од плаќањето на месечната членарина. Тоа можеби ќе резултира со неможност на често организирање интернационални семинари, како и со набавка на опрема за тренинг, но и без тоа се може. Но што ќе се постигне со тоа? Јас ќе Ви кажам. Од моите ученици, кои ги учам несебично да помагаат насекаде каде што можат, ќе направам себични индивидуи кои ќе помагаат само тогаш- кога ќе имаат корист од тоа. Наместо несебично да се вложуваат во развојот на доџо-то и да уживаат во можноста да го пренесуваат знаењето и традицијата стекнати токму преку доџо-то, нивните апетити ќе се зголемуваат постојано и со текот на времето ќе почнат будо-то да го гледат како можност за заработување пари и бизнис. А кога тоа ќе се случи, тогаш нивниот Пат во Будо-то станува Пат на алчноста и ќе почнат да го напуштаат вистинскиот Пат. Ќе станат себични и алчни за материјалното и ќе ја уништат сета добрина и сета духовност во себе. Сум имал многу примери досега и верувајте ми дека многу добро го знам тоа.

Ете, само доколку ова го разберете, ќе можете целосно да ја примените поговорката: „Ако сакаш некого да нахраниш – дај му риба. Ако сакаш да му помогнеш за цел живот – научи го сам да си ја лови“.

Размислувајте како воини. Погледнете секогаш најпрвин ОД ДРУГАТА СТРАНА.

Тоа што сите можат да го видам (омоте) ќе Ви помогне само еднаш, а потоа од Вас ќе направи „зависни“ индивидуи кои ќе „помагаат само од корист“. Тоа што можат да го видат воините, а се наоѓа од другата страна (ура), ќе Ви помогне за цел живот и ќе Ве направи вредни и независни личности кои ќе го почитуваат и вреднуваат сечиј труд.

Гамбаре!