Ајде да си бидеме искрени и отворени, како што впрочем си бевме сите овие години. Во петокот не бев на тренинг. Тоа го знаете.
А дали знаете зошто?
Како да Ви кажам, ама можеби сепак докторите биле во право:
http://bujinkan.koryu.mk/article/show/218
„Прогнозата на докторите е дека повредата ќе остави трајни последици, а со текот на годините може и да напредува до степен на инвалидитет“.
Кратка ретроспектива за минатата недела: во вторникот на Даито рју Аикиџуџутсу во Лабораторијата си правев укеми на Куби Наге. Во средата на Наге Ваза во доџо го повлеков Тошка малку посилно при фрлањето. Во четвртокот некако се борев со болката, во петокот попладне не можев да ја движам десната нога и морав да одам „по доктори“, а саботата и неделата ми беше најдолг викенд во животот.
Саботата неподвижен во кревет, во големи болки при мирување, а да не зборувам за движење. И постојано зачитан. „Анатомија на човечкото тело“, „Нервите и нервниот систем“ итн.
Недела наутро, и покрај сите тие маки, одлучен го поминав денот во вежби за истегнување и корегирање на мускулите и скелетот. Понеделникот, односно денес, веќе држев тренинг во Лабораторијата. Иако бев спор, несмасен, ужасен, сепак издржав.
Сакам да Ве замолам да ми дадете една седмица одмор. Само една седмица ми треба. Да се средам за семинарот за Даито рју во недела. А јас Ви ветувам дека за најбрз можен рок се враќам назад. Посилен од кога и да е.
А, да. Требаше и за тоа како „стојат работите“. На кратко и едноставно:
Местото каде што напукнала коската во 2011-та (карлицата), поради калцификација го развлекува мускулот на грбот, а тој, пак, го изместува нервот, при што десната нога се „одзема“. Оттаму и нивните прогнози за трајни последици и влошување на ситуацијата низ годините. Затоа и забраните за било каква физичка активност, бидејќи се помалку „напор“ ќе треба за да се истегне мускулот кој и онака е под голем притисок.
Мое решение: уште поголемо проучување на анатомијата, на движењето и уште посилен, но поселектиран тренинг за да се одложат сите можни инвалидитети на што подолг период. И тоа најмногу поради една работа. Ви должам бре Луѓе мои. Додека не Ве однесам до крајот на Патот не смеам да паднам. Мора да Ви го пренесам целото свое знаење, па потоа може и во дупка, немам страв ниту од тоа. Затоа велам, до последниот здив…во доџо!
Ќе поминам да Ве видам вечер на тренинг. И секако, не сакам вртење околу мене и „пажња“, туку сакам да слушнам убави работи за Вас и за Вашиот живот.
Јас тоа што имав да го кажам, тука го напишав. За да не Ви одземам повеќе од мислите и енергијата, кои треба да ги насочите во Вашето усовршување.
Гамбаре!