Живееме во ултра брз свет во развој што е невозможмо да се следи, отуѓени од семејството и преокупирани со обрски кои не ни дозволуваат да комуницираме со најблиските од опкружувањето. Резултатот на тоа е се повеќе луѓе со психози и психички пореметувања, кои спасот го наоѓаат во западната медицина и користењето на услугите од психолозите и психијатрите.
Меѓутоа, пред да продолжите да го читате овој текст, Ве молам прво изгледајте го ова видео направено на една конференција на психијатри во 2006 година, каде еден новинар ги прашува околу успехот на лекувањето на нивните пацијенти, а тие искрено одговораат дека бројот на излекувани пацијенти се движи од нула до еден излекуван. Најискрениот од нив признава дека ниту еден човек со болна психа не може никогаш вистински да се излекува.
Откако го изгледавте видеото, дозволете да Ви објаснам нешто подлабоко, со надеж дека овој текст, барем на еден од Вас ќе му помогне.
Западна психологија
Денес во модерниот западен свет кон кој се стремиме, веќе е многу нормално луѓето да го бараат спасот кај психолозите, мислејќи дека тие можат да ги извлечат од проблемите во кои западнале, а кои најчесто се сведуваат на проблем со сопруг/сопруга, родител/дете, партнер/партнерка и поретко проблеми поврзани со работата. Нормално, тука во овој текст нема да се осврнам на проблемите настанати поради повреди, насилство, незгоди и анксиозност предизвикана од болести, бидејќи тие се друга категорија која си бара посоодветен третман и различен пристап.
Во западниот свет, тоа отприлика изгледа вака. Вие плаќате соодветна сума пари на непознат човек кој што завршил четири години факултет, при што тој ги слуша околу еден час (во зависност колку сеанси ќе платите) Вашите проблеми, при тоа поставувајќи Ви прашања и давајќи ви толкувања кои најчесто се плод на неговото досегашно или лично искуство, како и психолошки совети како да го надминете проблемот. Меѓутоа, психологот обучен според учењето на западните правци на психологијата, најчесто тргнува од фактот дека Вие сте клиентот кој плаќа, а тој е должен да Ви помогне да го надминете проблемот. Бидејќи по автоматизам се става на страна на клиентот (тој што плаќа), тој не се труди да ја најде вината и причините кои Вие ги носите со себе, а кои најчесто се производ на траумите од детството, туку ја бара причината во тој кој Вие (според Вашето субјективно гледиште) го наведувате како причина за Вашиот проблем. Не можејќи да ја слушне и другата страна, психологот се става во заштита на клиентот (тој што плаќа) и се труди да го „спаси“ преку совети како да стави крај на односот што „му нанесува“ штета. Оттука, на сите Ви се познати термините на „токсична врска“, една многу честа дијагноза која нема никаква допирна точка со вистинската наука, меѓутоа моќно звучи и дава надеж дека со едноставно прекинување (пресекување) на истата, ќе се решат и проблемите на клиентот. Така, психологот секогаш ќе Ве охрабри, ќе се обиде да Ви го напумпа егото, ќе Ве подучи дека треба да заборавите што било, да почнете нов живот, да свртите нова страница, да се оддалечите од Вашите најблиски (родител, дете, партнер, сопруга, пријател) и дека тоа е лекот на Вашиот проблем. При тоа, ќе Ви дава огромна поддршка, ќе Ви зборува како сте Вие во право, како другиот треба да се смени, ќе Ви ја билда самодовербата, се со цел да Ве натера да бидете посилни и похрабри во Вашите одлуки. И? После ова најчесто сте подготвени да продолжите со втората фаза од лекувањето, бидејќи првата најчесто има краткотрајни ефекти. Ќе се оддалечите од луѓето кои „Ве токсицираат“ се додека не забележите дека истите проблеми се појавуваат и понатаму, дека тоа не е решение на проблемот, за на крајот да завршите на психијатар, кој ќе ве лекува преку одредени лекарства и терапии, за кои како што се изјаснија господата од видеото погоре – всушност и не лекуваат. А зошто? Затоа што никој не ја бара вистинската причина која секогаш лежи во Вас, туку Ви дава лажна надеж дека се ќе биде во ред доколку ја смените Вашата околина или ја земате редовно пропишаната терапија, која всушност има само една улога, а тоа е да ги затупи Вашите чувства и сетила и да ја замагли вашата свест. Вие всушност внесувате еден вид дрога во Вашето тело (мозок) која прави огромна штета и Ве менува како личност. Во составот на лекарствата кои најчесто ги препишуваат психијатрите, основни компоненти се Бенседин, Прозепам и други. Доколку ги погледнете и проучите механизмите на делување на супстанците кои ги внесувате и ги прочитате несаканите појави при користењето од нивната честа и долготрајна употреба, ќе ја разберете опасноста од нивното користење. Така, за прозепамот ќе дознаете дека може да предизвика пореметување на сонот, зголемена акнсиозност (неоправдан страв, најчесто од болести и смрт), честа промена на расположението, пореметена перцепција кон надворешниот свет, чувство на губење на сопствениот идентитет (кој впрочем никој и никогаш не може да Ви го одземе), итн. Сето ова би требало да Ви го објасни ставот на психијатрите изразен преку видеото погоре. Тие никого не лекуваат, туку ги затупуваат чувствата и ја замаглуваат свеста, правејќи од Вас еден вид зомби кое продолжува да живурка со една главна цел – да ја снема или да ја намали душевната болка која знае да биде најсилна од сите други.
Источна психологија
Источната психологија има многу длабоки корени и воглавно се потпира на филозофските учења на будизмот. Источните психолози нема да бараат од Вас да почнете со раскажување на Вашата лична приказна преку кажување на проблемите кои Ве донеле кај нив, ниту пак ќе ве тераат да ги „вадите валканите алишта“ од Вашиот приватен живот. Тие не се концентрираат на луѓето кои Вие ги наведувате дека се предизвикувачи на Вашите животни проблеми, туку ќе се концентрираат на Вас, со желба да Ве научат техники кои ќе доведат до ваше исцелување. Ова е важно бидејќи тие многу добро знаат дека доколку Вие не успеете да ја смените сопствената свест и да ги откриете и признаете вашите слабости, никој друг нема да може вистински да Ви помогне (без лекарства за затупување на свеста). Единствените прашања за минатото, можат да се однесуваат за Вашето детство, бидејќи источните психолози веруваат дека токму траумите од детството се тие кои ја формирале Вашата свест и Вашата личност односно дека тие потиснати стравови од далечното минато се тригерот за Вашето однесување во сегашноста. Тука е особено важно да се дознае кој бил доминатниот родител во семејството, а потоа да се дознае како неговото влијание во семејството има извршено и влијание врз клиентот. Потоа пацијентот ќе се соочи дека додека бил дете, растел со постојано уверување дека кога ќе порасне ќе биде сосема спротивно од моделот на неговиот родител кој несакајќи му ги нанел тие трауми, но за жал, најчесто тој несвесно го инхибира и го копира односот од доминантниот родител во својата свест и се повеќе низ годините почнува да наликува на него и да ги прави истите грешки. Ова особено се отсликува преку одност кон својот партнер со што се јавува тешкотија да се усогласи со различните ставови и погледи, бидејќи недостасува истата флексибилност која родителот ја немал кон својот партнер, а која е неопходна за една здрава и долготрајна врска. Кажано просто, доколку детето не го гледа својот родител како изразува љубов кон својата сопруга/сопруг (партнер/партнерка), како спијат заедно, како се држат за рака, како се попустливи и флексибилни, нежни и внимателни еден со друг – тогаш најверојатно и детето истите навики ќе ги вреже во својата свест и ќе се одразат во подоцнежните години кога личноста ќе основа своја врска/семејство.
Да се вратиме на техниките на источната психологија. Откако психологот/психотерапевтот, ќе го натера клиентот да си ги согледа сопствените слабости и грешки и откако ќе му објасни кои се причините за истите, почнува процесот на исцелување, кој наместо оддалечување од личностите, најпрвин почнува со обид за разговор и усогласување околу ставовите, погледите, но најчесто со совет за зголемена флексибилност, со безотпорност, со пристап да се победи сопственото его, да се отрфли инатот и тврдоглавоста – по принципот „ти биди во право, а јас ќе бидам среќен“. Но ова е само почеток. Потоа следуваат совети и практики за чести посети во природа, прошетки во шума, медитации, јога вежби и обезбедување внатрешен мир преку практицирање на некој вид уметност, опуштање преку музика, чајни церемонии, аранжирање икебани, плетење (во последно време метод кој дава одлични резултати во Јапонија), Ваби-Саби (наоѓање перфекција во неперфекцијата) и други вештини кои обезбедуваат „менување на свеста“, но не преку хемија (лекарства), туку преку „ангажман на мозокот“ со цел да се доживее личен развој и трансформација. Со еден збор, источната филозофија не Ви го потхранува егото кое секогаш во Будизмот се смета за најголем непријател на внатрешниот мир, не ја бара вината во никого, не ги смета за релевантни Вашите субјективни искази, туку Ве соочува со вашите стравови и Ве учи како со прифаќање на ситуациите и преку наоѓање внатрешен мир, самите да ја лекувате Вашата психа. Тие сметаат дека само Вие можете да си помогнете самите на себе, а тие само ќе Ви ги покажат техниките (начините).
Откако го прочитавте текстот и дознавте за разликите меѓу западната и источната психологија, време е да одлучите што е подобро за Вас, но најважно од се е да ја разберете ранливоста и кршливоста на психата.
Тука, би сакал да се извинам на сите мои ученици кои денес се успешни психолози и имаат свој „бизнис“ или работат во јавното здраство. Можеби некои од нив ова ќе го сфатат како напад врз нивната професија, но ги молам да имаат разбирање и кон „источната школа“ која е предмет на мојот интерес и да разберат дека различните пристапи се потребни, а различното мислење е дозволено се додека дава резултати. Еве ова нека биде само мое лично гледање и сознание, но базирано врз моето огромно искуство со стотиците луѓе на кои сум им помогнал со користење на техники од источната филозофија. На крајот, сетете се дека и Вие уште додека бевте студенти и потоа, вртевте со мене кругчиња низ патеките на Аеродром зборувајќи за Вашите проблеми и дека моите совети Ви помогнаа да бидете денес тоа што сте.
Тука сум и понатаму за сите Вас кои имате потреба од разговор, совет, исцелување.
Ваш, Довезенски